Непреносливите болести денес се најголемиот здравствен предизвик на современото општество. Според глобалните податоци, тие предизвикуваат околу 43 милиони смртни случаи годишно, што е дури 75 проценти од сите смртни случаи. Во Европа, ситуацијата не е многу подобра, околу 1,8 милиони луѓе умираат годишно од болести кои во голема мера можеле да се спречат.
Најголемиот товар го носат кардиоваскуларните заболувања, ракот, хроничните респираторни заболувања и дијабетес. Токму овие четири групи болести се одговорни за најголемиот дел од смртните случаи, но и за огромните трошоци на здравствените системи, кои достигнуваат стотици милијарди долари годишно.
Стручњаците нагласуваат дека решението не е само во третманот, туку пред сè во превенцијата. Здрава исхрана, редовна физичка активност, откажување од пушење и контрола на телесната тежина се клучни фактори што можат да го спречат развојот на болеста.
Посебно значење имаат програмите за рано откривање, како што се прегледите за рак на дојка, дебело црево и грло на матката, кои веќе покажале резултати во намалување на смртноста. Сепак, еден од најголемите предизвици останува слабиот одѕив на граѓаните.
Сè поголемо значење има и технологијата од теле-медицина до паметни апликации кои помагаат во следењето на здравјето. Покрај тоа, менталното здравје станува важен дел од превенцијата, бидејќи стресот и современиот начин на живот дополнително ги зголемуваат ризиците.
Заклучокот е јасен: инвестирањето во превенција не е само прашање на здравје, туку и на долгорочна безбедност за општеството. Бидејќи болестите што ги спречуваме не чинат ниту животи ниту пари.






