Дијабетологот и ендокринолог д-р Луиза Напиорковска објаснува дека пропуштањето на појадокот ја зголемува концентрацијата на инсулин и ја влошува инсулинската резистенција, што може да предизвика абдоминална дебелина, пренесува Нова.
Како што објаснува таа, прескокнувањето оброци го става телото во состојба на „штедење“ на секој следен оброк, наместо да го користи за енергија, што неизбежно води до зголемување на телесната тежина.
Покрај тоа, високите концентрации на инсулин можат негативно да влијаат на концентрацијата и вниманието.
Инсулинската резистенција може да се појави поради дебелина, стареење и недостаток на физичка активност, а понекогаш причините се и Кушингов синдром или хемохроматоза.
Прескокнувањето на појадокот не е добро ниту за возрасните, бидејќи може да го зголеми ризикот од дебелина и срцеви заболувања.
Студија од 2015 година објавена во списанието „Грижа за дијабетес“ покажува дека пациентите со дијабетес тип 2 кои го прескокнуваат појадокот се изложени на поголем ризик од скокови во нивото на гликоза во текот на денот, што може да биде многу опасно за здравјето.
Професорката Данијела Јакубовиќ од Универзитетот во Тел Авив истакнува дека прескокнувањето на појадокот кај дијабетичарите ја влошува функцијата на бета клетките и го зголемува нивото на гликоза во крвта.
„По гладувањето или прескокнувањето оброци, вашето тело навистина почнува да копнее по големи количини храна. Затоа мора да го контролирате внесувањето храна, а тоа значи да станете посвесни за тоа што јадете“, објасни доктор Дејвид Катлер.
„Ако јадете најмалку пет порции овошје и зеленчук на ден, ги добивате сите витамини и минерали кои генерално ви се потребни“.