Според Вараети, кој неодамна објави огромен напис за заткулисните приказни и причините зошто сето тоа се претвори во неуспех, три дена откако Рејчел Зеглер излезе на сцената на настанот на Дизни Д23 за да го претстави првиот официјален трејлер за Снежана, таа им се заблагодари на фановите во објава на Икс што го довеле тизерот до 120 милиони прегледи за 24 часа.
Снежана, седумте џуџиња, Израел и Газа
Една минута подоцна таа додаде уште една мисла: „И запомнете, слободна Палестина“.
Додатокот, кој собра 8,8 милиони прегледи, речиси четири пати повеќе од првичната објава, брзо стана вирален, при што многумина во студиото беа шокирани што ѕвездата на потенцијалниот мегахит ја спои промоцијата на својот филм вреден 270 милиони долари со каква било политичка изјава.
Еден извршен директор на Дизни му рекол на тимот на Зеглер дека студиото е загрижено поради целата ситуација, додека продуцентот на филмот, Марк Плат, одлетал во Њујорк за да разговара директно со неа. Но глумицата, чиј однос со студиото почна да се нарушува во 2022 година, за време на бурната кампања за награди за „Приказна од западната страна“ (West Side Story) и се влоши кога ја критикуваше оригиналната Снежана, остана на својот став.
Зад сцената, смртните закани кон колешката на Зеглер, Гал Гадот, која е Израелка и ИДФ-овка, вртоглаво пораснаа, а Дизни мораше да плати дополнително обезбедување.
„Таа не ги разбираше последиците од нејзините постапки врз филмот, врз Гал, врз кого било“, рекол еден извор за Вараети. А проблемот не е во нејзиниот став, кој, да не се лажеме, е легитимен и, со оглед на сè што се случува, сосема оправдан. Проблемот е во што се претвори Холивуд и што, да не се лажеме, отсекогаш бил. Особено во случаите на високобуџетните проекти, што Снежана дефинитивно е.
Снежана и Трамп
Три месеци подоцна, по претседателските избори, Зеглер на Инстаграм објави: „За*би Доналд Трамп“ и „Поддржувачите на Трамп… никогаш нека не знаат за мир“.
Rachel Zegler hopes Trump supporters never know peace, tells her followers to get off X because Elon Musk supported Trump, and ends with- “Fuck Donald Trump.”
THIS is Disney’s Snow White. (btw she probably won’t face any consequences for posting this by Disney due to their… pic.twitter.com/daDVfUi3l1
— Steph Anie (@mynerdyhome) November 13, 2024
На Дизни му дојде преку глава бидејќи ѕвездата на половина од потенцијалната публика на веќе проблематичниот филм, оптоварен со скапи дополнителни снимања, ѝ сигнализираше да остане дома. Холивудските снобови можат да се справат со сè, но ова е веќе сериозна закана за финансиите, што е непростливо. Плат повторно разговараше со Зеглер. По расправијата, таа почна да работи со експерт за социјални медиуми платен од Дизни за да ги проверува сите објави пред премиерата на филмот на 21 март.
Сега кога разочарувачкиот втор викенд на филмот – 142 милиони долари низ светот – е зад нив, раководителите на Бурбанк размислуваат што тргнало наопаку. За да се стави во перспектива глобалната заработка на Снежана, таа беше околу 34 милиони долари помала од Џокер на Ворнер Брос во октомври, но со буџет поголем за 70 милиони долари. Во превод, двата филма се огромни утки, а Снежана треба да заработи најмалку 500 милиони за да ги покрие трошоците.
„Не може да се каже дека е во ред филмски римејк на најпознатиот цртан филм од архивата, кој чинеше 270 милиони долари и беше преправен повеќе пати, да се отвори со 50 милиони долари. Математиката не штима. Тој филм треба да заработи 1 милијарда долари“, рече извршниот директор на конкурентското студио кога се предвидуваше дека филмот ќе заработи меѓу 45 и 55 милиони долари во американските кина. (Тој на крај заработи уште помалку од долната граница, 43 милиони долари.)
Рејчел против Снежана
Судирите меѓу Дизни и Зеглер го истакнуваат предизвикот со кој се соочуваат холивудските студија додека се обидуваат да ги зауздаат ѕвездите што предизвикуваат контроверзии на социјалните мрежи.
Гадот ги ограничи своите коментари за геополитиката на поддршка на цивилните заложници земени за време на нападот на Хамас на 7 октомври и не ја измеша таа порака со промовирањето на филмот. Зеглер веќе ги изнервира и студиото и Амблин партнерс на Стивен Спилберг кога се пожали на социјалните мрежи дека не била поканета на Оскарите во 2022 година како ѕвезда на „Приказна од западната страна“, номинирана за најдобар филм, која ја дистрибуираше Дизни.
Изворите велат дека таа штотуку започнала со снимањето на Снежана во Лондон и дека Шон Бејли, тогашниот претседател на филмската продукција на студиото Волт Дизни, не ѝ дозволил да го напушти снимањето заради телевизиски пренос. Откако Зеглер излезе во јавноста со своите поплаки, Академијата ѝ обезбеди билет, иако таа не беше номинирана.
Месеци подоцна на Д23, таа го критикуваше оригиналниот цртан филм од 1937 година, истакнувајќи дека принцот „буквално ја демне“ хероината. Еден врвен агент рече дека тоа било моментот кога Дизни дозволил Зеглер да го контролира наративот: „Првпат кога ќе отвори уста, треба тоа да го сосечете во корен“.
Наместо тоа, студиото не кажа ништо, а пуританците почнаа да негодуваат.
Со текот на времето, Дизни сè помалку сакаше да коментира чиј било говор, откако актерката Џина Карано во 2024 година го тужеше студиото тврдејќи дека била отпуштена од Мандалоријан затоа што го искажала своето мислење за чувствителни прашања.
„Тие велат дека секој публицитет е добар публицитет, но во случајот со Снежана, очигледно згрешиле“, вели за Вараети аналитичарот Џеф Бок од Егзибитор рилејшнс, додавајќи: „Премногу негативни контроверзии го опкружуваат овој филм со години и не помогна тоа што критиките беа под просекот, што веројатно ќе одбие многу потенцијални купувачи на карти. Можниот спас? Некој слаб пазар, каде што Снежана би можела да остане некое време – како што направија многу семејни филмови – и покрај млакото деби“.
Дали може да ги оправда загубите?
Многу дополнителни фактори придонесоа за проблемите на филмот, вклучително и одложувањето на продукцијата поврзано со ковид и пожарот на снимањето, додека штрајкот на глумците попречи некои други снимања.
Во меѓувреме, играните филмови на Дизни, некогаш сигурни хитови на благајните, изгледаат понесигурно во последниве години – филмови како Дамбо и Господарка на злото пропаднаа, а Петар Пан и Венди беше преместен на Дизни плус.
Сепак, немаше лоша крв меѓу двете главни актерки на Снежана и покрај тоа што медиумите пишуваа поинаку. Изворите велат дека актерките добро се сложувале за време на продукцијата и работите станале незгодни дури пред самото прикажување на филмот. Пример: Зеглер по нивното заедничко појавување како презентерки на годинашниве Оскари ја нарече Гадот „професионална кралица на убавината“, што се смета за омаловажувачки начин да се опише колешка глумица.
Некои набљудувачи велат дека Дизни ја поттикнал перцепцијата за конфликт со закажувањето одделни настани за глумиците за време на промотивната турнеја. На премиерата на 15 март, на која беа изоставени традиционалните интервјуа на црвениот тепих и беше одбрана само фотосесија, двете ѕвезди беа главно одвоени. Внатре во салата „Ел Капитан“ во Лос Анџелес, Зеглер седеше два реда пред Гадот и нејзиното семејство.
Но дотогаш Дизни веќе ја изгуби надежта дека филмот ќе може да ги надмине негативните реакции што се крчкаа со години.
Дали Снежана на крај ќе ги оправда своите загуби? Многу веројатно. Уште поголеми губитници на крај се извлекле, а ова е само еден во низата. На крајот на краиштата, повеќето од филмовите што ги наоѓате на листите за најголеми киксови на крај ги исплатија своите трошоци, но многу побавно отколку што планираа студијата.
Освен тоа, Снежана не е ни создадена во моментот кога Зеглер и Гадот влегоа во приказната, ниту пак од тоа ќе зависи опстанокот на класиката, која има централно место во историјата на компанијата. Ова беше само еден неуспешен експеримент од кој студиото ќе извлече поука и ќе создаде механизми за во иднина да се заштити од ѕвездите што сакаат да бидат политички свесни. И кога прашината ќе слегне и интернетот ќе најде нова мета за критики, новите генерации лесно ќе ја откриваат Снежана без да размислуваат дали е „разбудена“ (woke) или не, кој е ционист или кој ја поддржува Палестина, туку ќе ја гледаат приказната за младата принцеза што со помош на седум џуџиња води битка против злобната маќеа.
Така отсекогаш и требаше да биде, но тоа не е светот во кој живееме денес.