недела, 4 мај 2025

Младите пијат сè помалку алкохол, тренд кој ги менува социјалните навики

Во 2025 година, сè повеќе млади луѓе одлучуваат да имаат поумерен однос кон алкохолот, а многумина целосно го отсекуваат од секојдневието. Наместо да излегуваат со чаша во рака, генерацијата Зет и милениумците сè повеќе избираат здравје, финансиска стабилност и бистра глава.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Истражувањето „Beyond the Buzz 2025“ покажа дека четвртина од младите луѓе кои во моментов консумираат алкохол планираат да го намалат внесувањето на алкохол во наредната година. Но, овој тренд не е само минлива мода, туку дел од една подлабока културна промена.

Постојат три главни причини зошто младите сè повеќе го избегнуваат алкохолот:

  • Личен избор (53 отсто) – сè поголем број млади луѓе самостојно одлучуваат да го ограничат или целосно да го елиминираат алкохолот, без надворешен притисок.
  • Здравје и благосостојба (48 отсто) – достапноста на информации за здравјето ги мотивира за подобра физичка и психичка состојба.
  • Финансии (39 отсто) – наместо да трошат пари на алкохол, тие претпочитаат да ги инвестираат во патување, здравје и слични работи.

Она што е особено интересно е што младите не се откажуваат од социјалните аспекти на пиењето. Наместо тоа, тие сè почесто избираат безалкохолни коктели, пива и аперитиви, за да ги одржат ритуалите, но без последици од алкохолот.

Денеска понудата е поголема од кога било – наместо обични минерални или премногу засладени сокови, пазарот нуди креативни, софистицирани и функционални пијалоци.

Сè повеќе млади луѓе се приклучуваат на таканареченото движење „Трезвено љубопитно“ – начин на живот во кој алкохолот свесно се намалува, но без притисок целосно да се избегне.

Истражувањата покажуваат дека:

  • За овој тренд првпат слушнале 36 отсто од младите преку социјалните мрежи
  • 14 отсто биле запознаени од инфлуенсер во областа на здравјето и благосостојбата
  • Дури 52 отсто од членовите на генерацијата Зет и миленијалците планираат активно да учествуваат во ова движење во текот на 2025 година.

За производителите и рестораните, овој тренд не е закана, туку одлична можност. Сè повеќе брендови развиваат иновативни линии на производи без алкохол, инвестираат во маркетинг насочен кон здравјето и свесните потрошувачи и ги прилагодуваат понудите на баровите и рестораните.

Експертите велат дека ова не е крај на социјалното пиење – туку почеток на нова ера на свесно консумирање, каде квалитетот и здравјето имаат предност пред квантитетот и навиката, пренесува Индекс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ