понеделник, 8 декември 2025

Мистериозни структури во Земјата би можеле да го објаснат потеклото на животот

Длабоко под нашите нозе, на границата помеѓу Земјината обвивка и јадрото, се наоѓаат две огромни структури кои со децении ги збунуваат научниците и се спротивставуваат на доминантните теории за потеклото на нашата планета. Нова студија, објавена во списанието Нејчр Геосајнс, нуди провокативно објаснување – нивното формирање може да биде тесно поврзано со еволуцијата на животот на Земјата, пренесува Фјучуризм.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за наслаги густа, жешка карпа со големина на континенти, кои се наоѓаат речиси 3000 километри под површината, една под Африка, а друга под Тихиот Океан. Нивното постоење е откриено со следење на сеизмички бранови, кои укажале на значителни разлики во составот на околните карпи. Тим истражувачи предводен од геодинамичарот Јошинори Мијазаки од Универзитетот Раџерс смета дека овие структури не се случајност.

„Ова не се случајни необичности“, рече Мијазаки во соопштението. „Тие се отпечатоци од најраната историја на Земјата. Ако можеме да разбереме зошто тие постојат, можеме да разбереме како настанала нашата планета и зошто станала погодна за живеење“, додаде тој.

Сегашните теории претпоставуваат дека раната Земја пред повеќе милијарди години го формирала својот плашт од огромен океан магма. Со текот на времето, погустиот материјал се одвојувал од пореткиот, слично како што „замрзнат сок се одвојува на сладок концентрат и воден мраз“, стои во соопштението. Сепак, доказите за таа теорија било потешко да се најдат отколку што се очекувало. Наместо правилни слоеви, сеизмичките мерења откриле неправилни наслаги кои ги успоруваат сеизмичката бранови.

„Таа контрадикција беше почетната точка“, објасни Мијазаки. „Ако почнеме од магматски океан и ги направиме пресметките, нема да го добиеме она што го гледаме во Земјината обвивка денес. Нешто недостасуваше.“

Зошто Земјата е посебна?

Мијазаки и неговите колеги моделирале услови што постоеле пред милијарди години. Тие откриле дека бавното истекување на силициум и магнезиум од јадрото на Земјата можеби го „контаминирало“ океанот од магма на дното на обвивката, спречувајќи го рамномерно да се зацврсти и резултирајќи со денешниот грутчест состав.

“Она што го предложивме е дека тоа можеби доаѓа од материјал кој протекува од јадрото”, рече Мијазаки. “Ако додадете компонента од јадрото, тоа би можело да го објасни она што сега го гледаме.”

Овој процес можеби ѝ овозможил на Земјата да се олади доволно, што поттикнало вулканска активност и на крајот влијаело на формирањето на атмосферата. Тоа исто така би можело да објасни зошто другите планети, како Венера и Марс, станале светови каде што не може да постои животот каков што го познаваме, додека Земјата процветала.

„Земјата има вода, живот и релативно стабилна атмосфера“, објасни Мијазаки. „Атмосферата на Венера е 100 пати погуста од онаа на Земјата, а Марс има многу тенка атмосфера. Не разбираме целосно зошто е тоа така“, додаде тој. „Но, она што се случува во внатрешноста на планетата, односно како се лади, како се развиваат нејзините слоеви, може да биде голем дел од одговорот.“

„Засега, ова е само почеток на теорија која, и покрај тоа што има многу малку траги, би можела да ни даде малку поголема сигурност за тоа како Земјата еволуирала и зошто е толку посебна“, заклучи истражувачот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ