петок, 23 јануари 2026

Мистериозна комора во близина на Кеопсовата пирамида: Археолозите открија необична структура во песок

Необично откритие на платото Гиза повторно го разбранува научниот свет. Во близина на Кеопсовата пирамида – едно од најпознатите чуда на античкиот свет, археолозите идентификувале „подземни структури“ кои би можеле да кријат досега непозната гробница од времето на фараонот Кеопс.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Меѓународен тим истражувачи од Јапонија и Египет користел модерни методи за геодетско снимање на теренот за да ги мапира Западните гробници во Гиза, област каде што биле погребувани членови на кралското семејство и највисоките државни функционери на Старото Кралство пред повеќе од 4.500 години.

Две „аномалии“ под песокот

За време на истражувањето, спроведено помеѓу 2021 и 2023 година, научниците забележале две необични „аномалии“ под површината на Земјата.

Првата структура е во облик на буквата „Л“, сместена на длабочина од околу два метра и долга најмалку десет метри. Според истражувачите, таа била намерно покриена со песок по изградбата, што укажува на планирана човечка активност.

Уште поголема возбуда предизвика втората „аномалија“, која се наоѓа веднаш под првата. Оваа подлабока зона покажува екстремно висок електричен отпор – карактеристика што може да укаже на збиен песок и чакал, но и на празнина во почвата. Токму оваа можност отвора шпекулации дека можеби има ѕидови, шахти, па дури и цела подземна комора скриена под земјата.

Водачот на истражувањето, професорот Мотојуки Сато од јапонскиот универзитет Тохоку, истакнува дека правилната, „остра геометрија“ на откриената структура го уверува дека таа не е од природно потекло.

„Овој вид облик е речиси невозможно да се објасни со природни процеси“, рече тој.

Гробницата се сметала за „празна“ со децении

Резултатите од истражувањето неодамна беа објавени во научното списание „Археолошки проспекти“ и веќе привлекоа вниманието на водечките експерти, пренесува Дејли стар.

Меѓу нив е и египтологот од Харвард, Питер Дер Мануелијан, кој не бил вклучен во проектот, но нагласува дека локацијата, во близина на пирамидата, е исклучително интересна. Како што вели тој, ова е дел од Западната гробница кој со децении се сметал за „празен“ и затоа во голема мера бил запоставен.

Мануелијан истакнува дека иако во Гиза се познати капели во облик на буквата Л за принесување жртви, тие речиси секогаш биле градени над земја. Токму затоа подземната природа на оваа структура го прави откритието уште понеобично и достојно за понатамошно истражување.

Според професорот Сат, археолошките ископувања со кои ќе се проверат резултатите од геофизичките скенирања веќе започнале. Доколку се потврди дека структурите водат до претходно непозната гробница или подземна комора, тоа би можело значително да го промени досегашното разбирање за погребувањето на семејството на фараонот Кеопс и елитата на Старото царство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ