Оваа област на морето, која се наоѓа помеѓу Флорида, Порторико и Бермудите, некогаш беше поврзана со бројни исчезнувања, а намалувањето на вниманието на медиумите во последните години само ја продлабочи енигмата околу неа, пренесува ЛЕДбајбл.
Теориите почнаа да се шират уште во 1945 година откако летот 19, група од пет бомбардери на американската морнарица на мисија за обука, исчезна без трага.
Многумина подоцна ги припишаа необичните случувања во областа на натприродни сили.
Кога ќе се случи нешто што науката не може да го објасни, често се појавуваат теории за „активности на вонземјани“.
Иако не е јасно зошто вонземјаните би го избрале Бермудскиот триаголник како локација за киднапирања, некои тврдат дека областа служи како еден вид портал.
Со текот на годините, забележани се наводни видувања на НЛО, некои морнари тврделе дека виделе опседнати бродови во близина, па затоа не е чудно што таквите теории се популарни.
Обожавателите на серијата Перси Џексон можеби дури и го поврзале озлогласениот триаголник со Морето на чудовиштата, дом на митски суштества, но се чини дека вистината е многу поедноставна.
Научно објаснување на феноменот
Документарната серија на Канал 5 наречена „Енигмата на Бермудскиот триаголник“ тврди дека ја пронашла причината за проблемот. Океанографот од Универзитетот во Саутемптон, Сајмон Боксал, понуди објаснување засновано на огромни бранови како причина за исчезнувањето на бројни бродови.
„Има бури на југ и на север кои се приближуваат. И ако има дополнителни бури од Флорида, тоа би можело да биде потенцијално смртоносна формација на џиновски бранови“, изјави Боксал.
Џиновските бранови, познати и како „бранови убијци“, се насилни и непредвидливи струи кои можат да достигнат двојно поголема висина од околните бранови.
Иако не толку интересни како приказните за вонземјаните, науката сугерира дека овде можеби нема голема мистерија.
Мала магнетна аномалија во минатото можела да ги исфрли морнарите од патеката пред појавата на ГПС, но реалноста е дека и покрај големиот број урагани, Бермудскиот триаголник нема статистички значително поголем број на несреќи.
Во далечната 1975 година, Лари Куше во својата книга „Решена мистеријата на Бермудскиот триаголник“ откри дека извештаите за исчезнувања често биле неточни, претерани или непроверени.
Едноставно, луѓето сакаат мистерии, пренесува Индекс. Иако Бермудскиот триаголник можеби е најпознатата морска област во светот, студијата од 2013 година за најопасните области за пловење воопшто не го спомнува.
За споредба, таканаречениот „триаголник на Алјаска“ бележи исчезнување на повеќе од 20.000 луѓе, но сепак не е поврзан со технологија на вонземјани или со урнатините на Атлантида.






