Форест Сити во Малезија се претвори во град на духови. Денес се смета за најнекорисен мегаломански проект во светот.
Беше замислен како паметен град на иднината во Џохор во Малезија, а се претвори во град на духови. Требаше да биде луксузна оаза на вештачки остров, но наместо тоа, стотици станови во високи облакодери сега стојат празни.
Кога проектот бил најавен во 2016 година, се верувало дека луксузните станови ќе се продаваат „преку ноќ“ и дека главно ќе ги купат богати Кинези во потрага по инвестициски недвижности. Иако во почетокот имало интерес, проектот пропаднал поради политичката нестабилност во Малезија, построгите контроли на капиталот во Кина, но и поради пандемијата на коронавирусот.
Покрај сето тоа, главниот инвеститор – кинеската градежна компанија „Кантри Гарден“ – западнала во огромни долгови, а луксузниот станбен комплекс се претворил во град на духови. Според некои статистики, во градот, предвиден за 700.000 жители, живеат само околу 9.000 луѓе.
Од 2016 година, изградени се само околу 15 проценти од планираната инфраструктура, а она што е изградено не е направено според највисоките стандарди. Форест Сити на хартија беше зелен и енергетски ефикасен град. Всушност, се соочи со критики од екологистите и дипломатски тензии со Сингапур поради зголемувањето на нивото на морето и уништувањето на морскиот екосистем.
Денес, овој град зрачи со чудна атмосфера и изгледа како напуштено одморалиште. Песочните плажи се долги и убави, но празни. Во трговскиот центар, многу продавници и ресторани се затворени бидејќи нема промет.
За да го оживее напуштениот град и да привлече глобални финансиски и технолошки компании, малезиската влада го прогласи Форест Сити за посебна финансиска зона ослободена од данок во 2024 година.
Досега, неколку компании покажаа интерес за отворање на свои канцеларии во Форест Сити, а дали тоа ќе биде доволно за да се спаси градот на духови, останува да се види.






