Како што се наведува, на Месечината би биле означени подрачја каде би се складирале застарени летала и опрема. Кога застарените сателити ќе останат без гориво, нивните оператори немаат многу други опции освен да ги соборат на тлото, каде ќе се распаднат на парчиња.
„Овие сателити ќе треба да се срушат на површината на Месечината, која потенцијално би станала депонија“, изјави научникот Фиона Томсон од Универзитетот Дарам, која во декември, во Глазгов, организираше панел од експерти за ова прашање.
Сепак, истражувачите стравуваат дека деловите што ќе паднат од бројните сателити може да оштетат локации на Месечината каде што се наоѓаат првите отпечатоци од астронаути или области од интерес за научни истражувања. Тие, исто така, би можеле да ги нарушат чувствителните инструменти и опрема или да ги оштетат објектите во базите што научниците планираат да ги изградат на Месечината.
Старите сателити најчесто се уништуваат така што се оставаат да согорат во атмосферата на Земјата, но бидејќи Месечината нема атмосфера, потребно е друго решение за уништување на лунарните сателити.
Како што пренесе Гардијан, решение мора да се најде наскоро, бидејќи во следните две децении се планирани повеќе од 400 мисии на Месечината.
„Воспоставувањето зони на Месечината што би служеле како гробишта за стари сателити е најпрактично решение“, рече Бен Хупер, раководител на проектот „Лунар Патфајндер“ на Европската вселенска агенција.
Тој додаде дека посебните региони, кои би биле определени како зони на удар, ќе ги зачуваат другите делови на Месечината за научни истражувања и идни операции.






