четврток, 11 декември 2025

Меѓународен ден на планините: Зошто глечерите се клучни за нашата иднина

Меѓународниот ден на планината се одбележува секоја година на 11 декември, со цел да се подигне свеста за важноста на планинските екосистеми, нивната заштита и одржливиот развој.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Овој ден е востановен од Генералното собрание на Обединетите нации во 2003 година, како одговор на растечката потреба за зачувување на планинските области и подобрување на животот на луѓето што живеат во нив.

Секој Меѓународен ден на планината има посебна тема што го привлекува вниманието кон одреден аспект на планинските региони, како што се заштитата на биодиверзитетот, влијанието на климатските промени, важноста на културата и традицијата или значењето на планинскиот туризам за локалните заедници.

Пораките испратени на овој ден ја нагласуваат клучната улога на планините во зачувувањето на природната рамнотежа и обезбедувањето основни ресурси како што се вода, храна и енергија.

Планинските региони покриваат околу 27 отсто од копнената површина на Земјата, обезбедуваат живеалиште за околу 15 отсто од светската популација и се извор на вода за половина од човештвото. Сепак, тие се меѓу најзагрозените екосистеми, соочувајќи се со климатските промени, деградацијата на земјиштето, губењето на биолошката разновидност и социо-економските предизвици.

Покрај нивната еколошка вредност, планините имаат и големо културно значење. Низ историјата, планините биле инспирација за уметници, поети и научници. Многу планини се свети за локалните заедници и играат важна улога во религиозните и духовните традиции. Туризмот во планинските региони придонесува за локалните економии, но во исто време може да претставува предизвик во однос на заштитата на природните ресурси.

Планините се извори на живот. Од нив течат реки кои нè напојуваат, хранат и поврзуваат.

А во самото срце на планините се наоѓаат глечери, тивки чувари на водата и времето.

Овогодишниот Меѓународен ден на планината е посветен на глечерите – симболи на чистота, но и предупредување за човештвото. Топењето на глечерите денес не е само природен процес: тоа е знак на климатските промени што го загрозуваат снабдувањето со вода, земјоделието, енергијата и животите на заедниците низ целиот свет.

Затоа Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) ја посвети оваа година на темата глечери:

„Глечерите се важни за вода, храна и средства за живот – во планините и пошироко“.

Глечерите обезбедуваат вода за повеќе од 1,9 милијарди луѓе, го поддржуваат земјоделството и хидроенергијата и претставуваат незаменливи климатски архиви – живи сведоци за минатото на нашата планета.

Меѓународниот ден на планините нè повикува да:

  • го чуваме глечерите како природни резервоари на животот,
  • да ги поддржиме истражувањата и мерките за заштита,
  • и да не заборавиме дека секоја капка што се топи од мразот – исчезнува од нашиот иден извор.

Оваа 2025 година, е прогласена за Меѓународна година на зачувување на глечерите. Нека Денот на планината биде уште една можност за сите нас – планинари, научници, наставници, ученици и љубители на природата – да го кренеме својот глас во одбрана на планинските води, шуми и мраз.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ