Спејсекс и понатаму има намера да започне со одамна негуваната амбиција на Маск за град на Марс во рок од пет до седум години, напиша тој на својата платформа Икс, „но првиот приоритет е обезбедувањето на иднината на цивилизацијата, а Месечината е поблиску“, пренесе Ројтерс.
Коментарите на Маск се надоврзуваат на напис на Волстрит џурнал од петокот, во кој се наведува дека Спејсекс им соопштила на инвеститорите дека ќе ѝ даде приоритет на Месечината и ќе се обиде со патување до Марс некогаш подоцна, означувајќи го март 2027 година како дата за беспилотно лунарно слетување.
Само минатата година, Маск изјави дека има цел да испрати беспилотна мисија на Марс до крајот на 2026 година.
САД се соочуваат со интензивна конкуренција од Кина во трката за повторно стапнување на луѓето на Месечината во текот на оваа деценија. Луѓето ја немаат посетено месечинската површина од мисијата Аполо 17 во 1972 година.
Пред помалку од една недела, Маск објави дека Спејсекс ја презела компанијата за вештачка интелигенција ИксАИ, која исто така ја води, во зделка што ја вреднува ракетната и сателитската компанија на 1 милијарда долари, а компанијата за вештачка интелигенција на 250 милијарди долари.
Поддржувачите на потегот го гледаат како начин Спејсекс да ги зајакне своите планови за вселенски центри за податоци, кои Маск ги смета за поенергетски ефикасни од копнените капацитети, во услови кога побарувачката за компјутерска моќ расте со развојот на вештачката интелигенција.
Спејсекс се надева дека со јавна понуда подоцна оваа година би можел да собере до 50 милијарди долари, што би ја направило најголемата јавна понуда во историјата.
Во понеделникот, Маск му одговори на корисник на Икс дека НАСА ќе сочинува помалку од 5% од приходите на Спејсекс оваа година. Спејсекс е клучен изведувач во лунарната програма Артемис на НАСА, со договор вреден 4 милијарди долари за слетување астронаути на лунарната површина со леталото Старшип.

„Огромното мнозинство од приходите на Спејсекс доаѓа од комерцијалниот систем Старлинк“, додаде Маск.
Претходно во неделата, Маск ја сподели првата реклама на компанијата за Супер боул, промовирајќи ја услугата за безжичен интернет старлинк.
Додека Маск ја преориентира Спејсекс, тој истовремено ја пренасочува и својата компанија Тесла, со чии акции јавно се тргува.
По практичното создавање на глобалниот пазар за електрични возила, Тесла сега планира годинава да потроши 20 милијарди долари како дел од напорите за премин кон автономно управување и роботи. За да го забрза тој премин, Маск минатиот месец изјави дека Тесла го прекинува производството на два модели автомобили во својата фабрика во Калифорнија за да направи простор за производство на хуманоидните роботи Оптимус.






