Здружението „Еден свет, едно семејство“ од Скопје е активен дел од глобалната хуманитарна мисија „Vasudhaiva kutumbakam“ (Еден свет, едно семејство), предводена од Садгуру Шри Мадхусудан Саи, филантроп и голем хуманитарец од Индија. Оваа мисија обединува повеќе од 100 хуманитарни организации низ целиот свет, поделени во четири региони, при што Македонија е дел од третиот регион, во кој се вклучени европските земји. Основните столбови на мисијата се бесплатна здравствена заштита, обезбедување храна за децата во училишна возраст и бесплатно образование за секое дете, без разлика на нивниот социјален статус.
Во рамките на оваа иницијатива се изградени бесплатни болници во Јужна Индија, Фиџи, Шри Ланка и Нигерија, со цел да им се овозможи медицинска грижа на најзагрозените. Една од клучните програми е „Ниту едно дете да не оди гладно на училиште“, која функционира во многу земји. Покрај тоа, мисијата се посветува на ширење на основните човечки вредности низ целиот свет: вистина, исправно делување, љубов, мир и ненасилство.
Глобалната мисија добива поддршка и од највисоките државни структури на Индија. Во 2017 година, премиерот на Индија, Н.Е. Нарендра Моди, ја инаугурираше бесплатната болница за срцеви заболувања кај деца. Во март 2023 година, во негово присуство беше отворен првиот бесплатен приватен медицински колеџ за студенти од руралните подрачја, додека во јуни истата година, претседателката на Индија, Н.Е. Дроупади Мурму, ја посети централата во Мудденехалли, изразувајќи безрезервна поддршка за хуманитарната мисија.
Оваа година, Македонија има чест да биде дел од величествената глобална манифестација, која ќе трае 100 дена и ќе обедини 100 држави под мотото „Еден свет, едно семејство“. Главната идеја на оваа манифестација е обединување на сите народи преку хуманоста и културата, без разлика на потеклото, со цел да се покаже дека имаме повеќе заеднички точки отколку разлики. Срцето на сите чука исто, без разлика на националната, верската или културната припадност.
Посебно признание за нашата земја е тоа што ѝ беше доделен ексклузивен ден за претставување – 14 септември 2025 година. Овој ден, Македонија ќе биде во центарот на вниманието на светската публика преку целодневна програма, која ќе ги истакне сите хуманитарни активности што се реализираат на национално ниво. Тука се вклучени донации на храна, облека, хигиенски средства, помош за старите лица и семејствата во социјален ризик.
Дополнително, во програмата е вклучено претставување на историските и културните вредности на Македонија, како и едночасовен музички настап на македонски професионални изведувачи. Овој дел од програмата ќе го отслика изворниот и автентичен дух на македонскиот народ и неговата богата традиција.
Хуманитарни организации и здруженија од Македонија кои до сега изразија согласност нивните благородни дела да се претстават на овој глобален настан се: Црвен Крст на Град Скопје, Вистински дела на љубезност, Банка за храна Македонија, Легис, Суна Хелти Лајф со Билјана Пешева.
Упатуваме повик до сите хумани граѓани, општествено одговорни компании да ги поддржат со донации овие здруженија и организации. Воедно ги повикуваме сите хуманитарни организации, здруженија, поединци и општествено одговорни компании кои на кој било начин несебично придонесуваат за заедницата, да ни се придружат во ова претставување на Македонија преку порака на нашата ФБ страница Еден свет едно семејство One world one family MK.
Нашата земја постојано ја демонстрира својата несебичност и солидарност, како што се покажа и за време на последниот трагичен настан во Кочани, каде што народот масовно се мобилизираше за помош.
Ова е историска можност за Македонија да се покаже во најубаво светло пред светот, како хумана земја со силен дух на заедништво и љубов кон ближните.