Во Велика Британија се преселил во 2016-та, а професионално почнал да се занимава со стендап комедија после две години. Освен во Велика Британија, настапувал во Малта, Германија, Ирска, Франција, Шведска, Италија, Србија и на Малдивите. Наредниот период планира турнеи во Австралија и Канада, развој на комична телевизиска серија за „расеан“ балкански поп и неговото семејство во Англија која посакува наскоро да ја сними.
Во интервјуто за МИА, вели дека шансите за успех биле мали, но победил „балканскиот инает“ и додава „за да надмудриш кумановец во шега е исто како да си ја освоил оваа награда“.
Илиќ настапува на четири јазици и материјалите постојано ги преведува.

Бевте прогласен за комичар на годината. Кој го организираше настанот и каква беше конкуренцијата?
– Настанот е организиран од соучество помеѓу повеќе промотори, вклучувајќи го и култниот клуб „The Comedy Store“ кој е пионерот на модерната стендап сцена во Англија од осумдесеттите. Влезот во натпреварот ми беше овозможен откако испратив видео од својот стендап. Бев селектиран за влез во вториот круг каде бројот се сведе на 700 комичари кои ќе настапат во живо, од вкупно 4.000 онлајн апликации. Останатите рунди се одржуваа низ сите краеви на Обединетото Кралство, од Белфаст до Единбург, Манчестер до Лондон. За разлика од другите натпревари, овој натпревар е отворен за сите, без разлика на искуство. Во конкуренција беа вклучени комичари кои водат свои ТВ програми и одат по светски и европски турнеи. Шансите за успех теоретски беа мали, но сепак на крај победи тој „балкански инает“.
Колку наградите навистина Ви значат во свет на стендап комедијата каде секојдневно мораш да се докажуваш?
– Англичаните имаат израз: „You’re only as good as your last job.“ Во превод, колку си се покажал вчера на работа пред шефот, толку вредиш и денес“. Капитализмот е суров поим, а стендап комедијата уште посурова. Можеби ќе се провлечам во наредниве два-три месеца на стара слава, ама сепак мора одново и одново да се пишува и работи.
Дали чувствувате притисок по настапот на „Би-Би-Си“ дека сега не можеш да грешиш?
– Долго време се чувствував така, особено со домашната публика. Тоа е дел од предизвикот и растот и развојот. Сепак, не сакам луѓето дома да мислат дека сум слаб комичар, затоа ако имам лош настап дома се одјавувам како Сашко Коцев.
Како го доживувате хуморот како форма на отпор или само бегство од реалноста и од што повеќе стравувате од тишина или рамнодушна насмевка?
– За мене хуморот е бегство кон реалноста. Светот е нелогичен и полн со апсурд, лаги, бирократија итн. Стендапот за мене е единственото место каде што можам да ја кажам својата вистина. Рамнодушноста, тишината е показател дека шегата не работи, тоа е прогрес, ти дава до знаење дека таа шега треба да се доработи. Рамнодушноста значи дека на публиката „не ѝ е гајле“ што значи дека воопшто не те ни слушаат.
Како изгледа моментот кога шегата не „поминува“ најдобро меѓу публиката и може ли добар комичар да биде и добар човек?
– За секоја шега имам уште една со двосмислено значење. Ако првата не помине, ќе помине другата, а така ја задржуваш довербата во публиката. Не оставај ништо на шанси! Зависи, имам сретнато комичари кои сјаат на сцена, а зад кулисите се провокативни и обратно.
Се сеќавате ли на настап по кој сте помислиле дека сте ја згрешиле професијата?
– Да, на неполни 24 години, полн со надеж и свежо преселен овде, на мојот трет настап во Лондон учествував во еден локален натпревар каде имаш една минута да се докажеш пред публиката. Ако не им се допаѓаш, го исклучуваат микрофонот и те бркаат од сцена. Јас бев шеснаесеттиот на ред, публиката беше уморна, кога излегов на бина, веќе беше по полноќ. Ги испомешав сите зборови и за пола минута ме избркаа. После тој настап навистина се запрашав дали сакам и можам да се занимавам со ова. Одговорот беше – да. Си ветив дека никогаш повеќе нема да ми се случи ова и еве од тогаш ме бркаат само од свадби.
Има ли теми за кои не се шегуваш?
– Во секоја тема може да се најде хумор, па дури и во најмрачните моменти и ситуации. Сепак, се држам до одлуката да се шегувам за теми кои се во склоп со мојата автентичност. Тоа нема секогаш да му се допадне на секој и затоа стендапот бара мера храброст, да кажеш што ти е на ум и срце и да застанеш зад својот збор.

Кој беше најголемиот културен шок како комичар во Лондон и која публика е потешка балканската или британската?
– Најголем шок ми е колку сериозно ја сфаќаат комедијата овде. Кај нас дома можеш да бидеш стендап комичар без ни да знаеш. Седни во првиот кафе-бар и ќе најдеш три-четворица шегобијци на секоја маса. Во Англија има комичари кои ги прекинале своите студии на Кембриџ за да се занимаваат професионално со глума, комедија итн. За мене тоа е несфатливо. Па јас да и кажам на мајка ми дека го напуштам Кембриџ да кажувам шеги … „е тек тга ќе игра дрвена лажица“. Британската публика е каде-каде потешка. Балканската публика е дарежлива и секогаш сака да биде вклучена во настапот, додека Британците држат мала дистанца. Од друга страна, балканската публика ќе ти каже сè, и што треба и што не треба, а Британците се одмерени во секој одговор.
Дали професијата актер пречи или помага во стендапот, кој бара ризик?
– Актерството е огромна алатка за секој комичар. Присуство на сцена, дикција, ритам, проектирање, тоа сè се основи кои ми помагаат да се издвојам од другите комичари. Кога глумата не може да ти помогне е кога има импровизација со публиката. Актерите не се навикнати публиката да им дофрла зборови во секој настап. Тоа се учи само преку искуство. За среќа, пораснат сум во Куманово, а да надмудриш кумановец во шега е исто како да си ја освоил оваа награда.
МИА






