Како змиите ја имаат оваа извонредна способност да голтаат и варат коски, досега не беше јасно. Затоа, научниците го проучувале бурманскиот питон (Python molurus bivittatus) и откриле претходно непознат тип на клетка во цревата на оваа боа. Токму тие ѝ дозволуваат да ја преработува огромната количина на калциум и фосфор што инаку би го преоптоварило системот на змијата, пренесува СајнсАлрт.
„Морфолошката анализа на епителот на питонот откри специфични честички кои никогаш порано не се видени кај другите ‘рбетници. За разлика од нормалните апсорптивни ентероцити, овие клетки се многу тесни, имаат кратки микровили и превиткување кое формира крипта“, изјави биологот Жан-Ерве Лињо од Универзитетот во Монпелје.
Само неколку видови животни се забележани како намерно јадат коски, практика позната како остеофагија. Таа е главно поврзана со внесувањето на фосфор и калциум. Затоа змиите што се чуваат како домашни миленици и се хранат со храна без коски честопати имаат недостаток на калциум. Ова значи дека скелетите на пленот се витален дел од исхраната на змиите.
„Сакавме да идентификуваме како тие можат да ја преработат таа количина калциум преку цревниот ѕид“, рече Лињо.
Тие користеле светлосни и електронски микроскопи за да ги проучуваат ентероцитите, клетките што ги обложуваат цревата на бурманските питони. Исто така, ги следеле хормоните и нивото на калциум во крвта кога змиите биле гладни, кога јаделе нормален плен и кога биле хранети со плен без коски.
Резултатот откри специјализирани клетки кои им овозможуваат на змиите да ги обработуваат и метаболизираат коските.
„Овие клетки имаат апикална крипта која има повеќеслојна честичка составена од калциум, фосфор и елементи богати со железо кои создаваат нуклеација во центарот. Кога змијата е гладна, овој тип на клетка има празна крипта. Кога змиите јадат плен без коски, честичките не се формираат, иако во криптата има елементи на железо. Кога се додаваат додатоци на калциум, големите честички ја исполнуваат криптата“, изјавија научниците во студијата.