четврток, 19 февруари 2026

Колку долго луѓето можат да издржат без спиење?

Недостатокот на сон го зголемува ризикот од низа здравствени проблеми, вклучувајќи дијабетес, срцеви заболувања, дебелина и депресија, според американските Центри за контрола и превенција на болести.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Во 1963 година, 17-годишниот Ренди Гарднер не спиел неверојатни 11 дена и 25 минути. Останал буден за потребите на проект за научен саем во Калифорнија, со што поставил светски рекорд.

Гинисовата книга на рекорди повеќе не го следи овој подвиг: престанале да примаат пријави во 1997 година поради, како што објасниле, „големите опасности поврзани со недостатокот на сон“, пренесува Лајв сајенс.

Кои се тие опасности? Што им се случува на оние кои долго време страдаат од недостаток на сон?

Недостатокот на сон е кумулативен

Сонот е клучен за извршните, емоционалните и физичките функции, а недостатокот на сон го зголемува ризикот од низа здравствени проблеми, вклучувајќи дијабетес, срцеви заболувања, дебелина и депресија, според американските Центри за контрола и превенција на болести.

Експертите велат дека на луѓето им се потребни шест до осум часа сон секој ден. Сепак, не е реткост луѓето, а особено студентите, да останат будни цела ноќ и така да не спијат 24 часа.

Во оваа фаза, станува тешко да се направи разлика помеѓу спиење и будност, вели д-р Орен Коен, лекар за медицина на спиење во болницата Маунт Синај во Њујорк. Кога сте будни 24 часа на ден, вашата мозочна активност покажува знаци дека сте на границата помеѓу спиењето и будноста, иако изгледате будни, вели Коен.

Тоа се нарекува микроспиење. Луѓето кои не спијат подолг временски период може да изгледаат будни, но нивниот мозок несвесно влегува во состојба на абнормален сон, што вклучува интервали на слаб фокус или дури и халуцинации.

„Спиењето презема контрола, мозокот неизбежно заспива. Луѓето честопати ќе ми кажат: „Не сум спиел со недели“, но тоа е речиси невозможно“, вели д-р Алон Авидан, кој го води Центарот за нарушувања на спиењето на Универзитетот во Калифорнија.

Коен додаде дека му е тешко да поверува дека некој може да остане буден повеќе од 24 часа без вакви епизоди.

Сепак, тешко е прецизно да се утврди колку долго некој може да остане буден и како се јавуваат несаканите ефекти. Хроничното лишување на сон – при кое поединецот не спие подолг временски период – е толку катастрофално што се смета за неетички да се проучува кај луѓето, вели Авидон. Присилното држење буден се користи како метод на психолошка тортура.

Иако долгите периоди на недостаток на сон не можат да се проучуваат, сепак постојат податоци за луѓе со ретка наследна болест наречена фатална семејна несоница.

Тие пациенти имаат генетска мутација што предизвикува абнормално наталожување на протеини во мозокот, што со текот на времето го влошува сонот. Нивните тела почнуваат да пропаѓаат и тие со текот на времето умираат поради наслагите на протеини кои ги оштетуваат нивните мозочни клетки. Од ова нарушување, повеќето пациенти умираат во просек во рок од 18 месеци.

„За секој изгубен час сон, потребни се осум часа сон за закрепнување“

Студии спроведени на стаорци во 1989 година покажале дека животните можат без сон да издржат меѓу 11 и 32 дена пред да угинат.

Студија на луѓе од 2019 година открила дека учесниците во експериментот можат да одржуваат релативно нормално ниво на будност и внимателност до 16 часа. Но по 16 часа доаѓа до значаен пад на вниманието, кој е поголем кај учесниците кои страдале од хронична несоница.

Студија од 2000 година открила дека неспиењето 24 часа ја намалува координацијата меѓу очите и рацете еднакво како и 0,1 процент алкохол во крвта. Последиците од недостатокот на сон по 24 часа вклучувале намалено време на реакција, нејасен говор, намалена способност за донесување одлуки, намалена меморија и координација, раздразливост, полош вид и слух.

По 36 часа, луѓето во крвта имаат зголемени маркери на воспаление, а доаѓа и до хормонски дисбаланс и забавување на метаболизмот, навела клиниката. Малку истражувања има за тоа што се случува по 72 часа, но познато е дека луѓето стануваат анксиозни, депресивни, почнуваат да халуцинираат и имаат проблеми со извршните функции.

Истражување на американски лекари покажало дека недостатокот од сон ја зголемува преоптовареноста на работа и бројот на лекарски грешки. Резиденти по хирургија во Израел покажале зголемена импулсивност, побавни когнитивни процеси и намалени извршни функции по 26-часовна смена, покажала студија од 2021 година.

Работниците кои работат во смени исто така се во опасност од последиците на недостатокот од сон, бидејќи тие често не спијат доволно, не можат да воспостават рутина на спиење и често мора да спијат додека надвор е ден, што не е природно за човечкиот циклус.

Клучно е да се знае дека не можете едноставно да го надоместите недостатокот од сон подоцна. Недостатокот од сон е кумулативен, што значи дека оние кои не спијат доволно акумулираат еден вид „долг за спиење“. За секој изгубен час сон, потребни се цели осум часа сон за да закрепнеме, предупредува Авидон.

Ограничувањето на сонот е исто така ризично. Иако последиците врз способноста за концентрација можат да бидат сериозни, понекогаш ние самите не ги забележуваме, исто како некој што мисли дека е способен да вози иако е под дејство на алкохол. Овие луѓе не знаат дека не можат доволно добро да се фокусираат, вели Коен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ