Анализата на 113 клинички студии, во кои учествувале речиси 8.000 луѓе, сугерира дека редовната употреба на колагенски таблети или прав ја подобрува еластичноста на кожата со текот на времето, но не помага во борбата против стареењето, пренесува Би-би-си.
Според наодите, додатоците на колаген можат да придонесат за подобра еластичност и хидратација на кожата, а воедно и да ја ублажат болката, вкочанетоста и абењето на зглобовите кај луѓе со остеоартритис.
Колагенот е протеин што телото природно го произведува и е неопходен за структурата на кожата, коските, тетивите и ‘рскавицата. Сепак, неговото производство се намалува со возраста, додека постоечкиот колаген се разградува побрзо.
За време на менопаузата, жените можат да изгубат до една третина од колагенот во кожата. Пушењето и штетата што сонцето може да ја предизвика на кожата дополнително го забрзуваат овој процес.
Истражувачите од Универзитетот Англија Раскин изјавија дека многу претходни студии биле финансирани од индустријата за додатоци во исхраната и честопати содржеле претерани тврдења за ефектите против стареење. Новите студии, истакнуваат тие, не биле финансирани од индустријата.
„Колагенот не е лек за сè, но има веродостојни придобивки кога се користи конзистентно со текот на времето, особено за здравјето на кожата и остеоартритисот“, рече професорот Ли Смит, еден од авторите на студијата.
Тој додаде дека колагенот може да се гледа како дел од поширок пристап кон здраво стареење, а не како третман против брчки. Нутриционистите, исто така, ја нагласуваат важноста на исхраната за здравјето на кожата.
Витаминот Ц, кој се наоѓа во агрумите, бобинките и зелениот зеленчук, како и цинкот од месото, јаткастите плодови и интегралните житарки, придонесуваат за природното производство на колаген во телото. Претставниците на дерматолошката професија ги поздравија резултатите, но ја нагласија потребата од дополнителни, поцелни клинички студии за попрецизна проценка на ефектите на колагенот врз кожата.






