Истражувачите од Универзитетот Фудан во Кина сакале да ги надградат неубедливите наоди од претходните студии за да испитаат дали пиењето кафе може да има заштитен ефект против развој на нарушувања на расположението и стресот, пренесува РТС.
Тие искористиле огромна база на податоци – евиденција за 461.586 лица, кои на почетокот на истражувањето биле со добро ментално здравје, а биле следени во просек 13,4 години. Податоците за пиење кафе биле споредени со подоцнежните здравствени дијагнози.
Статистичката анализа покажала дека оние кои пиеле две до три шолји кафе дневно имале најмала веројатност да развијат проблеми со менталното здравје, во споредба со оние кои воопшто не пиеле кафе или пиеле повеќе од три шолји.
На горниот крај од скалата, пиењето пет или повеќе шолји дневно било поврзано со поголем ризик од нарушувања на расположението – што укажува дека е можно и да се претера.
„Забележани се врски во форма на буквата Ј помеѓу пиењето кафе и менталните нарушувања, што укажува дека умереното пиење кафе може да биде корисно за менталното здравје“, наведуваат истражувачите во објавениот труд.
Оваа врска во форма на буквата J била конзистентна без оглед на видот на кафето – мелено, инстант, па дури и кафе без кофеин – а придобивките од пиењето кафе биле поизразени кај мажите отколку кај жените.
Истражувачите внимателно земале предвид повеќе фактори што можат да влијаат врз резултатите, вклучувајќи ги возраста, образованието, навиките за вежбање и релевантните постојни здравствени состојби, што ја зголемува веројатноста дека токму пиењето кафе имало улога.
Сепак, студијата не докажува причинско-последична врска. Учесниците ги пријавиле своите навики за пиење кафе само еднаш, на почетокот на студијата, и ова не било следено со текот на времето.
Истражувачите спровеле и генетска анализа, идентификувајќи лица чии гени укажуваат дека побрзо или побавно го метаболизираат кофеинот. Меѓутоа, овие генетски разлики не влијаеле значајно врз забележаните врски.
Познато е дека кафето содржи бројни биоактивни супстанции, а истражувачите сметаат дека некои од нив можат да имаат смирувачко и противвоспалително дејство врз мозочните патишта поврзани со расположението и стресот.
Слични процеси би можеле да го штитат мозокот од болести, како што сугерираат претходни истражувања. Иако истражувачите не ги мереле директно ефектите врз мозокот, наодите нудат корисни нови сознанија за влијанието на кафето врз мозокот и носат потребна јасност.
„Претходните студии што ја испитувале поврзаноста меѓу пиењето кафе и менталното здравје, особено депресијата и анксиозноста, дале неконзистентни резултати во однос на насоката на поврзаноста или оптималната дневна количина“, наведуваат истражувачите.
Претходни истражувања го поврзувале кафето со подолг животен век, заштита од срцеви заболувања и подобра регулација на телесната тежина, па веќе се поврзува со бројни придобивки за физичкото здравје, а сега на таа листа би можеле да се додадат и менталните.
Како што нарушувањата на менталното здравје стануваат сè почести, постои голема потреба од пронаоѓање терапии и превентивни мерки за справување со стресот и анксиозноста. Едноставни навики, како една до три шолји кафе дневно, би можеле да им користат на милиони луѓе.
„Во текот на изминатата деценија, менталните нарушувања сè повеќе се препознаваат како еден од најзначајните товари на болестите за глобалното јавно здравје“, заклучуваат истражувачите.






