„Да се живее до 150 години е дефинитивно остварлива цел. За неколку години, тоа ќе биде реалност. За пет до десет години, никој нема да заболува од рак“, изјави Ќингхуа, пренесува Њујорк тајмс.
Нивниот оптимизам се темели на развојот на нов лек кој покажа импресивни резултати во лабораториските студии, а компанијата предводена од Ќингхуа тврди дека има изолирано молекули „способни да убиваат зомби клетки“, и клетки кои стареат и не умираат, туку ги оштетуваат здравите клетки, како и дека пронашла начин за производство на капсули со високи концентрации на овие молекули.
„Ова не е само уште едно апче. Ова е Светиот Грал“, изјави извршниот директор на „Лонви биосајенсис“, Ип Зуо, познат под псевдонимот Зико.
Компанијата верува дека нејзините апчиња, во комбинација со здрав начин на живот и квалитетна здравствена заштита, можат да им помогнат на луѓето да живеат од 100 до 120 години.
Дејвид Фурман, вонреден професор на Институтот Бак, биомедицински истражувачки центар во Калифорнија кој го проучува стареењето, рече дека кинеските апчиња „изгледаат ветувачки“, но дека треба да се тестираат во големи клинички испитувања.
Кинеските компании се на чело на истражувањата против стареење, а покрај екстрактот од семки од грозје, компаниите се фокусираат и на гоџи бобинки, криогени и хипербарни комори и други уреди.
Компанијата „Лонви биосајенсис“, со седиште во јужниот кинески град Шенжен, разви таблети против стареење врз основа на соединение наречено процијанидин Ц1, или ПЦЦ1, кое се наоѓа во екстракт од семки од грозје.
Претходно, научници од Шангај открија дека ПЦЦ1 го продолжува животниот век на глувците за речиси десет проценти со селективно уништување на старите клетки и заштита на здравите.






