четврток, 15 јануари 2026

Капсулата со болен астронаут и тројца членови на екипажот слета на Земјата (ВИДЕО)

Капсула со четиричлен екипаж од Меѓународната вселенска станица (МВС), која предвреме ја заврши својата мисија во орбитата поради сериозната здравствена состојба на еден од астронаутите, безбедно слета на Земјата во четврток во морето кај Калифорнија.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Капсулата „Кру Драгон“ на СпејсЕкс се спушти со падобран во мирно море покрај Сан Диего, со што заврши повеќе од 10-часовното спуштање од Меѓународната вселенска станица и повторното влегување во атмосферата на Земјата. Слетувањето беше емитувано во живо од НАСА и СпејсЕкс.

Астронаутите се одвоија од МВС во среда во капсула управувана од СпејсЕкс на Илон Маск. Во капсулата беа американските астронаути Зена Кардман и Мајкл Финке, јапонскиот астронаут Кимија Јуи и рускиот космонаут Олег Платонов.

НАСА минатата недела објави дека прво ја откажала планираната вселенска прошетка поради здравствени проблеми на еден член на екипажот, а потоа одлучила за порано враќање на целиот екипаж на Земјата.

Американската вселенска агенција одби да го открие идентитетот на астронаутот со здравствени проблеми или да даде детали за неговата состојба, наведувајќи само дека членот на екипажот е стабилен.

Екипажот престојуваше на Меѓународната вселенска станица од почетокот на август, а според првичниот план требаше таму да остане уште неколку недели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ