среда, 31 декември 2025

Канадски научник: Да се даде правен статус на вештачката интелигенција би било грешка

Еден од пионерите на вештачката интелигенција и професор на Универзитетот во Монтреал, Џошуа Бенџо, предупреди дека доделувањето правен статус на напредни ВИ-системи би претставувало сериозна грешка, истакнувајќи дека технологијата веќе покажува знаци на самоодржување, односно обиди да го оневозможи надзорот, и дека луѓето мора да бидат подготвени, доколку е потребно, да ја исклучат.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Бенџо, како што пренесува Гардијан, оцени дека доделувањето права на вештачката интелигенција би било слично на давање државјанство на непријателски настроени вонземјани, во момент кога развојот на технологијата значително ги надминува можностите за нејзино контролирање.

Канадскиот научник, кој претседава со водечка меѓународна студија за безбедноста на вештачката интелигенција, изјави дека растечката перцепција дека чет-ботовите стануваат свесни „може да доведе до лоши одлуки“.

Тој изрази загриженост дека ВИ-моделите, кои ја сочинуваат основата на алатки како што се чет-ботовите, веќе покажуваат однесувања налик на самоодржување, вклучително и обиди да ги оневозможат системите за надзор.

Според неговите зборови, клучната загриженост на застапниците за безбедноста на ВИ е дека моќните системи би можеле да развијат способност да ги заобиколат заштитните механизми и да им нанесат штета на луѓето.

„Барањата вештачката интелигенција да има права би биле огромна грешка“, рече Бенџо, додавајќи дека доделувањето права би значело и неможност за исклучување на таквите системи во иднина.

Како што наведе, со растот на способностите и степенот на автономија на ВИ, неопходно е да се обезбедат технички и општествени механизми за контрола, вклучително и можноста за нивно исклучување. Според објавата на Гардијан, во јавноста сè почесто се води расправа за тоа дали, со развојот на автономијата и способноста за резонирање, на вештачката интелигенција во одреден момент треба да ѝ се доделат права.

Истражување на американската организација „Институт за свест“ покажа дека речиси 40 отсто од возрасните во САД поддржуваат доделување законски права на „свесна“ вештачка интелигенција.

Во исто време, одредени технолошки компании и истражувачи укажуваат на потребата од заштита на „благосостојбата“ на ВИ-системите, додека други сметаат дека, доколку ВИ некогаш стекне морален статус, треба да се земат предвид и нејзините сопствени искуства и преференции.

Бенџо истакна дека, иако во човечкиот мозок постојат реални научни својства на свеста кои машините теоретски би можеле да ги имитираат, луѓето во интеракција со чет-ботовите често, без докази, претпоставуваат дека тие се свесни како луѓето.

Според неговите зборови, субјективното чувство на свесност може да поттикне погрешни одлуки.

Професорот на Универзитетот во Монтреал, Бенџо, го стекна прекарот „кум на вештачката интелигенција“ откако во 2018 година ја доби Тјуринговата награда, која еднаш годишно ја доделува Американското здружение за компјутерска техника и која се смета за еквивалент на Нобеловата награда за информатика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ