понеделник, 2 јуни 2025

Како вежбањето ја менува нашата перцепција за времето?

Замислете дека сте во теретана и ви се чини дека времето полека минува, додека минутите на часовникот постојано отчукуваат. Не е само досада или личноста што постојано зборува на телефон до вас – науката сега покажува дека за време на одредени видови физичка активност, нашите мозоци всушност го перцепираат времето поинаку.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Една неодамнешна студија објавена во угледното списание „Мозок и однесување“ носи изненадувачки резултати: додека возите стационарен велосипед, субјективното чувство на времетраење на интервалот се скратува за дури 8-9 отсто, односно времето се чини дека минува побавно отколку што навистина поминува, пренесува Популарна механика.

Истражувањето го спроведе тим научници од Холандија и Англија, експерти по спортска психологија, со цел да се разјасни како вежбањето влијае на перцепцијата на времето. Во експериментот учествувале 33 испитаници кои возеле патека долга 4.000 метри на стационарен велосипед во три различни режими: сами, против виртуелен противник (како во видео игра) и во активна трка со вистински противник. Во текот на возењето, на неколку дефинирани точки, од нив било побарано да проценат интервал од 30 секунди.

Резултатот беше конзистентен и изненадувачки: сите учесници веруваа дека 30-те секунди траат помалку отколку во реалноста, околу 8 до 9 отсто помалку.

„Без оглед на тоа дали учесниците возеле сами или во конкуренција, или од момент во рамките на трката, нивната перцепција за времето не се променила значително“, заклучиле авторите на студијата.

Овој заклучок сугерира дека интензитетот на конкуренцијата и дополнителниот напор не се клучни фактори за оваа специфична промена во перцепцијата на времето.

Ова откритие има важни импликации за тренерите и спортистите кои се потпираат на прецизно време и саморегулација за време на настапот. Мајкл Фелпс, еден од најголемите пливачи на сите времиња, е познат по својата способност да го визуелизира секој дел од трката и да го контролира секое движење до најмалиот детаљ, каде што дури и мало поместување во времето може да одлучи помеѓу злато и пораз.

Точното мерење на времето и перцепцијата на сопствениот ритам претставуваат сложена комбинација од биолошки и психолошки процеси, кои се клучни за успех на највисокото ниво на спортот – истакнуваат авторите.

Интересно е и тоа што физиолошките промени кои телото ги доживува за време на вежбањето – од зголемен пулс до зголемено дишење – можат да придонесат за нарушување на перцепцијата на времето. Мозокот е соочен со мноштво дразби, па неговото внатрешно мерење на секунди и минути е приспособено да му помогне на спортистот да одржи оптимален ритам, но и да заштеди енергија.

Истражувачите сугерираат дека идните истражувања треба да вклучат нови технологии како што се контролирано осветлување и тактилни знаци за понатамошно оптимизирање на вниманието и точноста на перцепцијата на времето.

„Употребата на надворешни дразби може да им помогне на спортистите да останат во таканаречената „активна зона“, избегнувајќи ја менталната замка на досада и нефункционален тајминг“, велат научниците.

Иако студијата е мала и со ограничен број учесници, нејзините наоди се значаен придонес во областа на спортската психологија и отвораат нови можности за работа на разбирање на тоа како човечкиот мозок го обработува времето во ситуации на висок физички напор.

Важно е да се нагласи дека перцепцијата на времето не е фиксна, туку флуидна и подложна на разни внатрешни и надворешни влијанија. Следниот пат кога ќе бидете во теретана и ќе почувствувате дека времето застанало, запомнете дека ова не е само ваш субјективен впечаток, туку и доказ за сложени процеси на кои телото и мозокот постојано се прилагодуваат за подобро да управуваат со енергијата и перформансите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ