Летното сметање на времето за прв пат е воведено во Обединетото Кралство во 1916 година за време на Првата светска војна, заради заштеда на енергија и максимално искористување на дневната светлина. Денес, оваа практика ја применуваат околу 70 земји, опфаќајќи повеќе од една четвртина од светската популација. Во Соединетите Американски Држави летното сметање на времето официјално е воведено во 1966 година. Во Европа часовниците се поместуваат еден час напред во последната недела во март и еден час назад во последната недела во октомври.
Постојат сè повеќе докази дека промените на времето можат негативно да влијаат на здравјето, а најочигледните последици се гледаат со промената на часовникот напролет, кога губиме еден час сон. Во 2014 година, истражувачите во Соединетите Американски Држави открија дека бројот на хоспитализациите поради срцев удар се зголемува во понеделникот по промената. Овие наоди се потврдени од студии во Шведска, Хрватска, Германија и други земји. Метаанализата на сите достапни студии покажа дека ризикот од срцев удар во овој период се зголемува за значителни 4%.
Други студии ја поврзаа промената на часовникот напролет со зголемен број мозочни удари. Иако некој би помислил дека повеќе светлина навечер е корисно за менталното здравје, една студија од 2020 година покажа дека преминувањето на летно сметање на времето ги влошува нарушувањата на расположението, депресијата, анксиозноста и злоупотребата на супстанции.
Покрај тоа, расте и бројот на сообраќајните несреќи со смртни последици. Една американска студија процени дека ризикот од несреќи со смртни последици се зголемува за 6%, што се припишува на последиците од колективното лишување од сон.
Нарушување на внатрешниот часовник
Зошто промената на часовникот има толку длабок ефект? Одговорот лежи во нарушувањето на нашите циркадијални ритми – „внатрешниот часовник“, кој регулира кога спиеме, а кога сме будни. Главниот сигнал за синхронизирање на нашиот внатрешен часовник е сончевата светлина. Навечер, падот на нивото на светлина го стимулира производството на мелатонин, хормонот на спиењето, додека утринската светлина го запира неговото производство и го стимулира ослободувањето на кортизол, кој нè буди.
Пролетната промена на часовникот го нарушува овој природен процес. Поголемото количество светлина навечер го нарушува производството на мелатонин и го отежнува заспивањето, додека потемните утра ги принудуваат луѓето да се разбудат пред да бидат природно подготвени. Ова губење на еден час сон може да има кумулативен ефект и да доведе до зголемена фрагментација на спиењето во текот на целата недела.
„Оставени сами на себе, нашите внатрешни циркадијални часовници природно се усогласуваат со циклусот светлина-темнина“, објаснува Дејвид Реј, професор по ендокринологија на Универзитетот во Оксфорд. „Проблемот се јавува кога почнувате произволно да го дефинирате времето врз основа на часовникот. Тогаш ќе имате луѓе од кои се бара да живеат против часовникот.“
Реј ја споредува оваа ситуација со онаа на работниците во смени, кои имаат значително повисоки стапки на ментални и физички болести, вклучувајќи дијабетес, дебелина и рак. Сличен ризик е забележан кај луѓето што живеат на западните рабови на временските зони, чии биолошки часовници постојано се поместуваат за речиси еден час.
„Дури и еден час носи одреден ризик, и секако, ако го примените тоа на целата популација, дури и со мал ризик применет на 60 милиони луѓе, ќе се зголемат доста болести што комплетно може да се избегнат“, заклучува Реј.
А што е со есенското враќање?
Иако се чини дека дополнителниот час сон на есен треба да има здравствени придобивки, истражувањата покажуваат дека ова не е сосема точно. Во просек, луѓето спијат само 33 минути подолго таа ноќ, а го губат сонот во остатокот од неделата. Всушност, некои студии ја поврзаа есенската промена на часовникот со зголемен ризик од депресија. Една студија во Данска откри дека фреквенцијата на депресивни епизоди се зголемила за 11% во десетте недели по промената на времето.
Од друга страна, Џон Коста-aj-Фонт, професор по здравствена економија на ЛСЕ, тврди дека постојат одредени придобивки. Неговата студија, која следела 30.000 луѓе во текот на 30 години, открила дека есенската промена им овозможила на луѓето да спијат околу 40 минути повеќе, што ги направило поенергични и посреќни. Сепак, тој истакнува дека овие позитивни ефекти не се доволни за да ги надминат негативните ефекти од пролетната промена.
„Поради негативните ефекти од пролетната промена на времето, сè уште имаше значителна цена за индивидуалното здравје и благосостојба“, вели Коста-aj-Фонт. Неговата студија заклучила дека промената на времето двапати годишно ја чини економијата повеќе од 750 евра по жител секоја година.
Европскиот парламент гласаше за укинување на летното сметање на времето во 2019 година, но промената сè уште не е спроведена бидејќи земјите не можат да се договорат дали да го задржат летното или стандардното (зимското) време. Повеќето циркадијални биолози, вклучувајќи го и професорот Реј, веруваат дека стандардното, зимско време би било подобро за нашето здравје. Додека оваа дебата продолжува, можеме да се тешиме со сознанието дека потемните есенски вечери што претстојат барем придонесуваат за подобар сон, нешто што на сите ни е потребно.






