понеделник, 23 февруари 2026

Како да ги ублажите симптомите на пролетните алергии?

Со доаѓањето на пролетта, за милиони луѓе започнува непријатниот период на сезонски алергии. Со потоплите денови, концентрацијата на полен во воздухот се зголемува, а кај лицата кои страдаат од алергии, ова може да предизвика чешање и солзење на очите, течење на носот, кивање и отежнато дишење.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Доколку имате тешкотии со доаѓањето на пролетта поради алергии, постојат неколку начини да ги ублажите симптомите. Оптичарот Тина Пател споделува совети за тоа како да го намалите ризикот од алергиски реакции, пренесе британски Експрес.

Држете ги прозорците затворени

Иако е примамливо широко да ги отворите прозорците со првите сончеви денови, така лесно го пуштате поленот да влезе во вашиот дом. Пател советува да не се отвораат прозорците штом ќе стане потопло, особено кога нивоата на полен во воздухот се највисоки. „Отворањето прозорци му овозможува на поленот полесно да влезе во вашиот дом, што може да ја зголеми иритацијата и солзењето на очите. Откако ќе влезе, тешко е целосно да се отстрани“, објасни таа. „Затоа редовно поминете со правосмукалка и бришете ги површините со влажна крпа за да помогнете во отстранувањето на поленот“, додаде таа.

Внимавајте какви цвеќиња внесувате во домот

Пател, исто така, препорачува луѓето со алергии на полен да избегнуваат чување свежо цвеќе во своите домови или барем да бидат внимателни какви видови внесуваат. „Свежото цвеќе го разубавува просторот, но исто така внесува полен, што може да ги влоши симптомите“, рече таа. „Ако не сакате да се откажете од цвеќето, разгледајте ги видовите што имаат тенденција помалку да им пречат на лицата кои страдаат од алергии, како што се рози, лалиња, хортензии, орхидеи и божури“, советува таа.

Лична заштита од полен

Исто така е важно да се намали контактот со поленот на други начини. „За да се заштитите, можете да нанесете малку вазелин околу ноздрите. Вазелинот може да помогне да се спречи поленот и другите алергени да влезат во носот“, вели Пател. „Исто така, истуширајте се и пресоблечете се штом ќе се вратите дома по престој на отворено – така ќе го измиете поленот од кожата и облеката“, заклучува таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ