Истражување, засновано на одговорите на 132.000 возрасни лица во Соединетите Американски Држави во текот на четири децении, покажа дека луѓето со најголема дневна консумација на кафе со кофеин имале 18 проценти помал ризик од развој на деменција во споредба со оние кои пиеле најмалку, објави Ројтерс. Исто така, овие лица имале помала стапка на само перципирани проблеми со меморијата или размислувањето, за речиси два процентни поени.
Слични резултати се забележани кај испитаниците кои консумирале чај со кофеин, додека пијалаците без кофеин не покажале ист ефект. Авторите на студијата, објавена во списанието Jама, предупредуваат дека резултатите не докажуваат дека кофеинот директно го штити мозокот.
„Ефектот на кофеинот, доколку го има, е мал, а постојат и други добро документирани начини за заштита на когнитивната функција за време на стареењето, вклучувајќи физичка активност, здрава исхрана и доволно спиење“, изјави д-р Даниел Ванг од Медицинскиот факултет Харвард.
Најизразени ефекти се забележани кај учесниците кои консумираа две до три шолји кафе со кофеин или една до две шолји чај со кофеин дневно. Тие исто така постигнале подобри резултати на објективните тестови за когнитивните функции. Истражувањето беше финансирано од Националните институти за здравство на САД.
Доктор Ју Џанг од Школата за јавно здравје на Харвард додаде дека слични резултати се забележани кај луѓе со различни генетски предиспозиции за деменција, што укажува дека кафето или кофеинот можат да бидат подеднакво корисни за сите.






