Моментално, само во Соединетите Американски Држави, „верификацијата на возраста базирана на вештачка интелигенција“ е дел од платформата на Јутјуб. Според компанијата, промената е дел од нејзините континуирани напори за создавање побезбедна средина соодветна на возраста за младите корисници, но овој потег предизвика и контроверзии и критики од многумина.
Најавен пред еден месец, новиот систем за верификација на возраста со вештачка интелигенција користи различни фактори – од вашите навики за гледање до должината на историјата на вашата сметка – за да утврди дали веројатно имате помалку од 18 години. Ако функцијата ја означи вашата сметка како малолетничка сметка, таа не само што ќе го блокира вашиот пристап до одредени клипови, туку автоматски ќе примени и сет на заштитни мерки за тинејџери.
За возрасните кои се погрешно означени, Јутјуб нуди начин да се оспори проценката на вештачката интелигенција. Можете да ја потврдите вашата возраст со поднесување на лична карта, селфи или банкарска картичка.
Новиот систем, се разбира, не е без критики. Многу корисници изразија загриженост за точноста на вештачката интелигенција – луѓето се загрижени дека би можеле погрешно да бидат идентификувани како тинејџери само затоа што гледаат одредени популарни жанрови како аниме или видео игри.
Постојат и значителни проблеми со приватноста, при што некои корисници се чувствуваат непријатно поради тоа што мора да прикачуваат лични документи на голема технолошка компанија.
Јутјуб соопшти дека неговиот модел зема предвид широк спектар на сигнали и не издвојува специфични видови содржина и истакна дека приложувањето лична карта е опција.
Ако изберете да не го направите тоа, вашата сметка едноставно ќе ги задржи стандардните заштити за тинејџери, кои сè уште ви овозможуваат пристап до поголемиот дел од содржината на платформата, но ова веројатно нема да ги смири оние кои само сакаат да гледаат видеа на раат, без да мислат дека може да бидат ограничени во секое време.






