четврток, 5 февруари 2026

Јупитер не е толку голем колку што мислевме: Мисијата Џуно откри нови податоци

Јупитер е помал и порамен отколку што претходно мислеа научниците, покажуваат новите мерења на гасниот џин.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Истражувачите користеле радио податоци од вселенското летало „Џуно“ за да ги прецизираат мерењата на најголемата планета во Сончевиот систем. Иако разликите од претходните мерења се мали, тие ги подобруваат моделите на внатрешната структура на Јупитер и други слични гасни џинови надвор од Сончевиот систем, се вели во студијата објавена во списанието Нејчр Астрономи.

„Ќе мора да ги ажурираме учебниците. Големината на Јупитер, се разбира, не се променила, но начинот на кој ја мериме се промени“, изјави коавторот на студијата Јохаи Каспи, планетарен научник во Институтот за наука Вајцман во Израел.

Досега, научниците при разбирањето на големината и обликот на Јупитер се потпирале на шест мерења извршени од мисиите „Војаџер 1“ и „Војаџер 2“, како и „Пионер 10“ и „Пионер 11“. Тие мерења, кои подоцна биле усвоени како стандард, биле направени пред околу 50 години со помош на радио-зраци.

Меѓутоа, мисијата „Џуно“, која од пристигнувањето на Јупитер во 2016 година собира податоци за планетата и нејзините месечини, во последните две години има собрано значително повеќе радио-податоци. Благодарение на тие дополнителни податоци, истражувачите сега ги прецизирале мерењата на големината на Јупитер со точност од околу 400 метри во секоја насока.

„Само со познавање на растојанието до Јупитер и набљудување на неговата ротација, можно е да се одредат неговата големина и облик. Но, за навистина прецизни мерења, потребни се пософистицирани методи“, истакна Каспи.

Свивање на светлината

Во новата студија, научниците следеле како радио-сигналите што „Џуно“ ги испраќа кон Земјата се свиваат додека минуваат низ атмосферата на Јупитер, пред целосно да се изгубат кога планетата целосно го блокира сигналот. Тие мерења му овозможиле на тимот да ги земе предвид ветровите на Јупитер, кои благо го менуваат обликот на оваа гасовита планета. Потоа тие информации ги искористиле за прецизни пресметки на обликот и големината на планетата.

Врз основа на новите податоци, тимот пресметал дека радиусот на планетата е 66.842 километри, што е за 12 километри помалку од претходните мерења. Новиот радиус на екваторот е 71.488 километри, што е за четири километри помалку отколку што се сметаше претходно.

„Овие неколку километри се важни. Дури и мало поместување во радиусот им овозможува на нашите модели за внатрешноста на Јупитер многу подобро да се вклопат и со гравитациските податоци и со атмосферските мерења“, изјави коавторот на студијата Ели Галанти, експерт за гасни гиганти во Институтот за наука Вајцман.

Ажурираните мерења ќе го унапредат нашето разбирање на внатрешната градба на Јупитер, но ќе им помогнат и на научниците да ги толкуваат податоците за гасовитите џинови надвор од Сончевиот систем, навеле истражувачите во студијата.

„Ова истражување ни помага да разбереме како планетите се формираат и еволуираат“, рече Каспи во соопштението. „Јупитер веројатно била првата планета што се формирала во Сончевиот систем, а со проучување на она што се случува во неговата внатрешност, се приближуваме кон разбирањето како се формирале Сончевиот систем и планетите како нашата.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ