За време на изградбата на паркот ќе се отворат 20.000 работни места, додека по отворањето се очекуваат уште 8.000 нови вработувања во угостителството и креативната индустрија, се вели во соопштението.
Се проценува дека паркот ќе привлече околу 8,5 милиони посетители веќе во првата година, што е бројка која моментално ја надминува само Дизниленд Париз во Европа.
Јуниверзал студиос (Universal Studios) веќе има пет одморалишта и тематски паркови во американските држави Калифорнија и Флорида, како и во Сингапур, Јапонија и Кина. Овие комплекси нудат атракции инспирирани од филмските франшизи како Паркот Јура, Хари Потер и многу други.
Премиерот Кир Стармер, чија политика вклучува олеснување на процедурите за планирање за да се поттикнат инвестициите во Обединетото Кралство, изјави дека инвестицијата од повеќе милијарди фунти ќе го претвори Бедфорд во дом на еден од најголемите тематски паркови во Европа.
Планираниот комплекс вклучува неколку тематски единици, хотел со 500 соби, како и дел за малопродажба, ресторан и забава.
Извршниот директор на Комкаст, Мајк Кавено, во вторникот му ги претставил плановите на Стармер во Лондон, велејќи дека „не може да биде повозбуден“ за создавање на тематски парк и одморалиште Јуниверзал во срцето на Обединетото Кралство.
Во 2023 година, Комкаст купи поранешна циглана со површина од 500 хектари во Бедфордшир, околу 90 километри северно од Лондон. Оваа корпорација веќе ја поседува Скај, најголемата европска претплатничка телевизија.
Преговорите со Владата траат од минатата година.
Лабуристичката влада, која беше избрана минатата година, вети дека ќе ги зголеми инвестициите во инфраструктурата. Исто така, го одобри проширувањето на аеродромот Лутон, кој се наоѓа на околу 30 километри од идната локација на Јуниверзал парк, што дополнително ја зајакнува меѓународната поврзаност на областа.