понеделник, 8 декември 2025

Истражување: Зошто жените живеат подолго од мажите?

Анализирајќи ги податоците за вкупно 1.176 видови, истражувачите утврдиле дека кај цицачите 72 отсто од женките живеат во просек 13 отсто подолго од мажјаците, додека кај птиците 68 отсто од мажјаците ги надживуваат женките за околу пет отсто.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Низ историјата и во речиси сите земји, постои биолошка загатка – жените, во просек, живеат подолго од мажите.

Иако медицинскиот напредок во некои држави го намали јазот меѓу половите, ново истражување сугерира дека таа разлика нема наскоро да исчезне, бидејќи нејзините причини се длабоко вкоренети во еволуциската историја, пренесува американскиот магазин Њузвик.

Меѓународен тим научници предводен од истражувачи од Институтот за еволутивна антропологија „Макс Планк“ во Лајпциг, Германија, спроведе најсеопфатна анализа досега за половите разлики во животниот век кај цицачите и птиците.

Анализирајќи ги податоците за вкупно 1.176 видови, истражувачите утврдиле дека кај цицачите 72 отсто од женките живеат во просек 13 отсто подолго од мажјаците, додека кај птиците 68 отсто од мажјаците го надживуваат женките за околу пет отсто.

Едно генетско објаснување, познато како „хипотеза на хетерогамен пол“, укажува на разлики во половите хромозоми. Кај цицачите, женките имаат два X хромозоми, додека мажјаците имаат само еден X и еден Y, што ги прави хетерогамен пол.

Некои истражувања сугерираат дека два X хромозоми може да ги штитат женките од штетни мутации, давајќи им предност при преживување. Интересно е што кај птиците овој систем е обратен, па женките се тие што се хетерогамен пол.

Водечкиот автор на студијата, Јохана Старк, истакна дека постојат исклучоци. „Некои видови покажаа спротивен модел од она што се очекуваше“, рече таа во соопштението.

„На пример, кај многу грабливи птици, женките се поголеми и подолготрајни од мажјаците. Значи, половите хромозоми може да бидат само дел од приказната.“

Репродуктивните стратегии исто така имаат влијание. Според новата студија, кај полигамните цицачи, каде што конкуренцијата е жестока, мажјаците имаат тенденција да умираат порано од женките. Од друга страна, кај птиците – кои обично се моногамни – овој притисок на конкуренција е помал, па затоа мажјаците често живеат подолго

Родителската грижа исто така игра улога. Во природата, полот кој инвестира повеќе во одгледувањето потомство – а кај цицачите, тоа е обично женката – има тенденција да живее подолго. Кај долговечните видови, како што се приматите, ова веројатно претставува селективна предност: женките преживуваат сè додека нивните потомци не станат независни или сексуално зрели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ