недела, 7 декември 2025

Родителите сè повеќе се обраќаат кон ЧетГПТ наместо кон педијатри, покажа истражување

Сè поголем број родители се обраќаат на ЧетГПТ за совети за воспитување, барајќи помош за сè, од проблеми во однесувањето до медицински дијагнози кога нивните деца се болни.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Овој тренд се совпаѓа со студија од 2024 година која откри дека родителите повеќе ѝ веруваат на вештачката интелигенција отколку на лекарите, сметајќи ги информациите што ги добиваат од ботот за веродостојни, пренесува Фјучуризам.

Освен за совети, родителите го користат ЧетГПТ и за да ги забавуваат децата, па така ботот им чита приказни за добра ноќ или разговара со нив со часови. Но, експертите предупредуваат дека таквото префрлање на родителската одговорност на вештачката интелигенција е алармантно.

Еден од најголемите недостатоци на ЧетГПТ е неговата тенденција да манипулира и да се додворува, што може да ја зголеми заблудата на корисниците и да доведе до исклучување од реалноста – опасен феномен кој е поврзан и со неколку случаи на самоубиство, вклучително и кај тинејџери.

Исто така, загрижувачки е што возраста на децата изложени на советите од ЧетГПТ станува сè помала. Податоците од 2023 година покажуваат дека околу 30 отсто од родителите на училишни деца уште тогаш го користеле овој алат, а таа бројка денес недвосмислено е поголема.

Педијатар за „Ју-ес-еј тудеј“ изјави дека родителите, доколку инсистираат на користење на ЧетГПТ и покрај сите познати ризици, мора внимателно да ги проверат информациите што ги добиваат. Поради тенденцијата на технологијата да „халуцинира“ или да измислува лажни одговори, клучно е да се задржи „критичко око“.

„Тоа е алатка, неверојатна е и станува сè пораспространета“, рече Мајкл Глазиер, главен медицински директор во „Блуберд Кидс Хелт“. „Но, не дозволувајте да го замени критичкото размислување… За нас како родители е огромна придобивка да размислиме за работите и да се консултираме со експерти, наместо само да ги внесуваме во компјутер.“

Глазиер им советуваше на родителите да го користат ЧетГПТ исклучиво како почетна точка, по што дефинитивно треба да се консултираат со лекар или друг професионалец.

Експертите го истакнуваат и прашањето за приватноста. Тие ги предупредуваат родителите никогаш да не внесуваат чувствителни и лични информации за своите деца и нивните здравствени проблеми.

Предавањето на интимни информации на технолошка компанија само по себе е проблематично, а секогаш постои и ризик хакерите да дојдат до тие податоци. Заклучокот е јасен: родителите треба да пристапат кон овој алат со голема претпазливост и сè што ќе прочитаат да го прифаќаат со доза резерва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ