Големо истражување на постари лица во Англија покажало дека бабите и дедовците кои помагаат во грижата за внуците постигнувале подобри резултати на тестовите за меморија и вербални способности во споредба со оние кои не го правеле тоа, пренесува Тпортал.
Придобивките биле забележани без оглед на зачестеноста на грижата, при што се чини дека бабите добиле најголем когнитивен поттик. Резултатите доаѓаат од Англиската долгорочна студија за стареење, студија која го следи здравјето и благосостојбата на луѓето над 50 години.
Истражувачите анализирале податоци од 2.887 баби и дедовци кои пополнувале прашалници и решавале когнитивни тестови во три наврати, помеѓу 2016 и 2022 година.
Грижа за внуците
На учесниците им било поставено прашањето дали во текот на претходната година обезбедувале грижа за своите внуци и што подразбирала таа грижа. Активностите вклучувале превоз до училиште и помош во домаќинството, подготовка на оброци, играње игри, излегувања со децата или грижа за нив кога биле болни.
Когнитивните способности беа мерени со тест за вербална флуентност, во кој испитаниците имаа задача да именуваат што е можно повеќе животни за една минута, како и со задача за меморија што вклучуваше повторување на листа од 10 зборови веднаш и повторно по пет минути.
Севкупно, бабите и дедовците кои се грижеле за внуците постигнувале повисоки резултати на тестовите за меморија и вербална флуентност од оние кои не го правеле тоа. Бабите кои биле вклучени во грижата покажале и побавно опаѓање на когнитивните способности со текот на времето, што укажува на заштитен ефект врз старечкиот мозок.
Истражувањето, објавено во списанието „Психологија и стареење“, покажа дека бабите и дедовците со повисоки почетни когнитивни резултати имаат тенденција да се вклучат во поширок спектар на активности, особено оние што се ментално стимулативни, како што е помагањето околу куќата.
Водечката истражувачка Флавија Черечес од Универзитетот Тилбург изјави: „Многу баби и дедовци редовно се грижат за своите внуци, а оваа грижа ги поддржува семејствата и поширокото општество. Она што најмногу нè изненади беше тоа што самиот факт дека бабите и дедовците се грижат за внуците е поважен за когнитивното функционирање отколку тоа колку често се грижат или што точно прават со внуците.“
Потребни се дополнителни истражувања за овие наоди да се потврдат, но доколку постојат придобивки поврзани со грижата за внуците кај бабите и дедовците, тие можеби не зависат од зачестеноста на грижата или од конкретните активности, туку од поширокото искуство на вклученост во грижата“, објаснила таа.
Сепак, истражувачите нагласија дека контекстот игра важна улога. Грижата што се обезбедува доброволно и во поддржувачка семејна средина може да им користи на мозоците на бабите и дедовците, додека стресната или несаканата грижа може да има сосема различни ефекти.






