сабота, 17 мај 2025

Истражување: Нов индикатор за ризик од деменција и мозочен удар

Ново истражување открива дека функцијата на еден дел од срцето може да укажува на зголемен ризик од сериозни нарушувања.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Деменцијата и мозочниот удар се меѓу најстрашните состојби кои доаѓаат со стареењето, но новото истражување сугерира дека срцето може да обезбеди клучни индиции за ризикот од овие болести.

Студија објавена во мартовското издание на научното списание „Мозочен удар“ покажа дека срцето, поточно левата преткомора, е силен индикатор за ризик и за исхемичен мозочен удар и за деменција. Исхемичните мозочни удари се случуваат кога згрутчување го блокира протокот на крв во мозокот, објаснува Американското здружение за мозочен удар.

Истражувачки тим составен од кардиолози и научници од престижни институции како што се Харвард, Медицинскиот факултет на Универзитетот во Минесота и Универзитетот во Пиза, следел повеќе од 4.700 возрасни лица како дел од студијата „Ризик од артеросклероза во заедниците“ во текот на осум години, пренесува Данас.

Просечната возраст на учесниците била 74 години, а 59 отсто биле жени.

Во тој период, 769 испитаници развиле деменција, додека 193 претрпеле исхемичен мозочен удар.

Тимот проучувал повеќе параметри поврзани со функцијата на левата преткомора на срцето, според соопштението од Универзитетот во Минесота.

Иако беа земени предвид повеќе мерења, два индикатора се издвоија како особено релевантни кога се додадоа на стандардните дијагностички алатки што лекарите веќе ги користат:

  • Способност на левата преткомора за истегнување (дистензија)
  • Присуството на протеинот НТ-проБНП во крвта, кој е познат биомаркер за срцева состојба

Сепак, како што истакнуваат истражувачите, способноста на преткомората да се истегнува се покажа како најточен показател.

„Нашите наоди сугерираат дека лекарите можат да го користат овој метод за да ги идентификуваат пациентите со зголемен ризик и да ги вклучат во поредовно следење или превентивна терапија“, изјави Лин Ји Чен, електрофизиолог и професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Минесота.

Во следната фаза од истражувањето, тимот планира клинички испитувања кои ќе испитаат дали лековите за разредување на крвта (орални антикоагуланси) можат да го намалат ризикот од деменција и мозочен удар кај луѓе со таканаречена миопатија на левата преткомора – сериозна состојба која често се поврзува со атријална фибрилација и одредени видови мозочен удар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ