Истражувачите следеле речиси 13.000 луѓе на возраст меѓу 35 и 75 години како дел од бразилската лонгитудинална студија за здравјето на возрасните, анализирајќи ја нивната исхрана и резултатите од когнитивните тестови во текот на осум години.
Оние кои консумирале најмногу засладувачи имале 62 проценти побрз општ когнитивен пад, што е еквивалентно на дополнителни 1,6 години стареење на мозокот, во споредба со оние што внесувале најмалку.
„Нашите резултати покажуваат дека вештачките засладувачи може да се поврзат со полоша когнитивна траекторија“, изјави авторката на студијата доктор Клаудија Кимие Суемото од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Сао Паоло. Особено изразен пад е забележан во вербалната флуентност и работната меморија, додека учесниците со дијабетес имале уште побрзо когнитивно опаѓање.
Студијата вклучувала засладувачи како што се аспартам, сахарин, ацесулфам-К, еритритол, ксилитол и сорбитол, додека тагатоза не била поврзана со когнитивен пад.
Светската здравствена организација минатата година го класифицираше аспартамот како „можно канцерогена“ супстанца, иако американската ФДА сè уште го смета за безбеден во одредени дози.
Експертите предупредуваат дека резултатите може да имаат долгорочни последици врз јавното здравје, особено затоа што засладувачи се наоѓаат во многу „диетални“ и „здрави“ производи. „Претпоставката дека овие засладувачи се безопасна замена за шеќер може да е погрешна“, напиша д-р Томас Холанд од Универзитетот Раш.
Иако истражувањето е набљудувачко и не докажува причинско-последична врска, научниците нагласуваат дека таа дополнително покренува сомнежи за долгорочната безбедност на вештачките засладувачи и потребата од понатамошни истражувања.






