понеделник, 8 декември 2025

Истражување: Асистентите за вештачка интелигенција погрешно ги прикажуваат вестите во речиси половина од одговорите

Водечките асистенти за вештачка интелигенција погрешно ги претставуваат вестите во речиси половина од нивните одговори, според истражување објавено во среда од Европската радиодифузна Унија (ЕБУ) и Би-би-си.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Меѓународното истражување анализирало три илјади одговори на прашања за вести поставени на најпознатите  ВИ асистенти – софтверски апликации кои користат вештачка интелигенција за разбирање на природниот јазик и извршување задачи за корисникот.

Асистентите за вештачка интелигенција на 14 јазици беа оценети според критериумите за точност, цитирање на извори и способност за разликување на мислење од факт, вклучувајќи ги ЧетГПТ, Копилот, Џеменај и Перплексити.

Вкупно 45 проценти од анализираните одговори на вештачката интелигенција содржеле барем една сериозна грешка, додека 81 процент имале некаков вид на проблем, покажа истражувањето.

Ројтерс ги контактираше компаниите вклучени во истражувањето за да побара нивен коментар за резултатите.

Џеменај, асистентот за вештачка интелигенција на Гугл, претходно на својата веб-страница изјави дека ги поздравува повратните информации од корисниците за платформата да може да продолжи да се подобрува и да станува покорисна.

ОпенАИ и Микрософт претходно изјавија дека таканаречените „халуцинации“ – ситуации во кои моделот на вештачка интелигенција генерира неточни или погрешни информации поради, на пример, недостаток на податоци – е проблем на кој активно работат за да го отстранат.

Перплексити на својата веб-страница наведува дека еден од нивните методи, наречен „Длабоко истражување“, има стапка на точност од 93,9 проценти во однос на фактите.

Грешки во наведување на извори

Една третина од одговорите на асистентите за вештачка интелигенција покажаа сериозни грешки во цитирањето извори, како што се отсуство на извор, погрешно или неточно наведување, покажа истражувањето.

Проблеми со точноста се утврдени кај 20 отсто од сите анализирани одговори, вклучувајќи случаи на застарени информации.

Примерите наведени во истражувањето вклучуваат погрешно цитирање на промените во законот за електронски цигари за еднократна употреба од страна на Џеминај и и случај кога ЧетГПТ кој неколку месеци по смртта на папата Франциско, сè уште објавуваше дека тој е сегашен папа.

Во истражувањето учествуваа 22 јавни медиумски сервисa од 18 земји, меѓу кои Франција, Германија, Шпанија, Украина, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.

Бидејќи асистентите со вештачка интелигенција сè повеќе ги заменуваат традиционалните интернет прелистувачи во пристапот до вести, јавната доверба би можела сериозно да биде нарушена, предупреди ЕБУ.

„Кога луѓето повеќе не знаат во што да веруваат, на крајот не веруваат во ништо, тоа може да го обесхрабри учеството во демократските процеси“, изјави директорот за медиуми на ЕБУ, Жан-Филип де Тендер.

Според Извештајот за дигитални вести за 2025 година на Институтот Ројтерс, околу седум проценти од сите корисници на интернет кои ги следат вестите и дури 15 проценти од оние под 25 години користат асистенти со вештачка интелигенција за да се информирани за актуелните настани.

Новиот извештај е повик до компаниите за вештачка интелигенција на поголема одговорност и подобрување на начинот на кој нивните асистенти одговараат на прашања поврзани со вести.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ