Египетски археолози открија изгубени гробишта стари околу 3.500 години, кои кријат вистинско богатство од историски артефакти – од мумии и статуи до редок папирус долг 13 метри што содржи делови од „Книгата на мртвите“.
Свитокот е откриен во 2023 година во областа Ал-Гураифа, а според тогашниот генерален секретар на Египетскиот Врховен совет за антиквитети, Мостафа Вазири, „се карактеризира со исклучително добра состојба на зачуваност“. Овој ракопис играл важна улога во древните египетски погребни обичаи, бидејќи имал за цел да им помогне на починатите да „навигираат“ низ задгробниот живот.
„Книгата на мртвите“ е името што современите научници го даваат на збирка древни египетски текстови. Нивните оригинални имиња често се преведуваат како „Книга на зората“ и тие служеле како водичи за безбедно патување на душата низ задгробниот живот. Ваквите записи честопати биле ставани покрај телото на починатиот во гробницата.
Новооткриените гробишта датираат од периодот на Новото Кралство (околу 1550 – 1070 п.н.е.), еден од најмоќните и културно најбогатите периоди на антички Египет.
Мумии, саркофази и фигурини за задгробниот живот.
Покрај реткиот свиток, археолошкиот тим откри и мумии, камени и дрвени саркофази, амајлии и бројни фигурини „ушабти“. Овие мали скулптури, познати и како ушабти, имале симболична функција – се верувало дека му служат на покојникот во задгробниот живот, извршувајќи задачи за него.
Во официјалното соопштение од египетското Министерство за туризам и антиквитети се споменува и откривањето на канопски тегли, кои се користеле за зачувување на внатрешните органи на починатите по балсамирањето.
Лара Вајс, директорка на германскиот музеј „Ромер и Пелицеус“, експерт за Книгата на мртвите, за Лајв саенс изјави дека станува збор за „извонредно откритие“. „Ако свитокот е толку долг и добро сочуван, тоа секако е големо и интересно откритие“, нагласи Вајс.
Покрај свитокот и фигурините, археолозите пронашле и остатоци од камена архитектура и дрвени ковчези кои некогаш содржеле мумифицирани тела, пренесува Клик.






