Индиските научници велат дека откривањето на оваа галаксија, од времето кога нашиот универзум бил стар само 1,5 милијарди години, го доведува во прашање нашето разбирање за тоа како се формирале галаксиите во почетниот период по Големата експлозија.
Тоа значи дека ако универзумот е стар 13,8 милијарди години, тогаш гледаме галаксија од пред 12 милијарди години, кога универзумот бил само една десетина од неговата сегашна возраст.
Иако научниците веруваат дека галаксиите формирани толку рано имале неправилна форма, индиските астрономи Раши Џаин и Јогеш Вададекар откриле дека галаксијата што ја откриле имала спирална форма и правилна структура.
Нивното истражување беше објавено во водечкото европско списание „Астрономија и астрофизика“.
„Галаксијата е извонредно слична на нашиот Млечен Пат, и покрај тоа што постоела кога нашиот универзум имал само 10 проценти од сегашната возраст“, рече Вададекар.
Галаксијата првпат ја забележала Раши Џаин додека ги разгледувала податоците собрани од телескопот Џејмс Веб, заеднички проект вреден 10 милијарди долари на американските, европските и канадските вселенски агенции.
Според податоците од американската агенција НАСА, се проценува дека постојат стотици милијарди галаксии, а многу од нив почнале да се формираат во периодот познат како космичка зора, биле со неправилна форма и мали по големина.
Како што истакна Вададекар, новооткриената галаксија е поинаква и е една третина од големината на Млечниот Пат и содржи 10 милијарди ѕвезди.
„Таа формира нови ѕвезди со брзина околу 20 до 30 пати поголема од брзината во нашиот Млечен Пат“, рече тој.
Откако започна со работа телескопот Џејмс Веб во 2021 година, астрономите откриваат нови и сѐ подалечни галаксии, пренесува Би-би-си.






