И покрај критиките, шефицата на ЦЕРН, Фабиола Џаноти, истакна дека идниот кружен судирач (ФЦЦ) е од суштинско значење за да обезбеди дека Европа ќе остане глобален лидер во физиката, пренесува Ен-би-си њуз.
„Има голема конкуренција, особено од Кина“, предупреди Џаноти, додавајќи дека „џинот ФЦЦ е апсолутно на вистинскиот пат“ и ги повика европските држави да ги ослободат потребните средства за продолжување на проектот.
По анализата на 100 различни сценарија, ЦЕРН ги објави резултатите од повеќегодишната физибилити студија за кружен тунел долг речиси 91 километар на границата меѓу Франција и Швајцарија.
На просечна длабочина од 200 метри, во тунелот би бил сместен судирач на честички кој би бил три пати подолг од сегашниот Голем хадронски судирач (ЛХЦ), моментално најголемиот од ваков вид. ЛХЦ е протонски судирач долг 27 километри на длабочина од околу 100 метри, меѓу другото го докажа и постоењето на Хигсовиот бозон.
Исто така наречена „божја честичка“, откритието за кое беше доделена Нобелова награда го прошири разбирањето за масата и однесувањето на честичките.
Се очекува ЛХЦ да го достигне крајот на неговата употреба во 2041 година, а ЦЕРН ги анализира опциите за да им овозможи на научниците да продолжат со својата работа.
Џаноти посочи дека физибилити студијата покажала дека нема технички пречки. Други, исто така, се ентузијасти за новиот колајдер.
„За да обезбедиме напредок во нашата мисија да го разбереме потеклото на универзумот и улогата на Хигсовиот бозон, на глобалната научна заедница ѝ е потребна моќна машина како ФЦЦ“, изјави Кетрин Бискарат од Универзитетот во Тулуз.
Сепак, не сите се ентузијасти за идејата за гигантскиот проект, кој се проценува дека ќе чини околу 17 милиони долари.
Затоа, членките на ЦЕРН (23 европски земји и Израел) мора да одлучат до 2028 година дали ќе обезбедат средства.