сабота, 6 декември 2025

Хирурзи извршија прва операција на мозочен удар со помош на робот

Лекари од Шкотска и САД извршија она што се верува дека е прва роботска операција во светот за отстранување на згрутчување на крвта по мозочен удар, соопшти Универзитетот во Данди.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Иако слични процедури претходно се изведувале на модели, 3Д реплики или животни, ова е, според научниците, прва таква операција на човечко тело.

Професорката Ирис Грунвалд од Универзитетот во Данди извршила таканаречена далечинска тромбектомија, отстранување на згрутчувања на крв по мозочен удар, користејќи робот што го контролирала од болницата Најнвелс во Данди, додека телото на кое била извршена процедурата било на другата страна од градот, пренесува Би-би-си.

Неколку часа подоцна, неврохирургот Рикардо Ханел од американската сојузна држава Флорида изврши прва трансатлантска операција, управувајќи со иста технологија од Џексонвил на човечко тело во Денди, на повеќе од 6.400 километри оддалеченост.

Експертите проценуваат дека оваа технологија би можела да биде пресвртница во третманот на мозочен удар, бидејќи би им овозможила на пациентите во оддалечените области да добијат специјализирана нега без одложувања што често влијаат на исходот од закрепнувањето.

„Се чувствува како да сме сведоци на увид во иднината. Она што до неодамна делуваше како научна фантастика, сега стана реалност“, изјави професорката Грунвалд.

Универзитетот во Данди е светски центар за обука во областа на интервентно лекување на мозочен удар и единствената институција во Обединетото Кралство каде лекарите можат да работат на човечки тела преку кои се пумпа течност слична на човечка крв. Во експериментот беа користени четири тела донирани на медицинската наука, со течност која имитира крв, додека процедурите во Данди и Флорида беа изведени со помош на робот на литванската компанија Сентанте. Тимот планира следната година да започне клинички испитувања на пациенти.

Професорката Грунвалд објасни дека роботот користи исти катетери и жици како и хирургот, додека медицинскиот тим покрај пациентот само ја поврзува опремата, а лекарот може да ја управува процедурата на далечина, дури и од својот дом. Лекарите го следеле текот на операцијата во реално време преку рендгенски снимки, Грунвалд наведува дека за совладување на технологијата биле потребни само 20 минути обука.

„Да работите од Соединетите Американски Држави во Шкотска со задоцнување од само 120 милисекунди, што е трепкање со око, е навистина неверојатно“, рече д-р Ханел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ