петок, 12 декември 2025

Хемикалија пронајдена во темното чоколадо е поврзана со побавно биолошко стареење

Во истражување беше испитувано нивото на теобромин – соединение кое се наоѓа во растението какао – во крвта и потоа споредено со маркери на биолошко стареење, кои покажуваат колку е старо телото во однос на здравјето и функцијата, а не во однос на бројот на години.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Иако стручњаците не би советувале луѓето да јадат повеќе темно чоколадо, тие велат дека наодите би можеле да помогнат во откривање на секојдневни намирници кои „содржат траги на поздрав и подолг живот“.

Теоброминот е „релативно недоволно проучен диететски фитонутриент“ кој е поврзан со здравствени придобивки и продолжен животен век, велат научниците, пренесува агенцијата Дпа.

Сепак, спроведено е ограничено истражување за неговото влијание врз луѓето.

Анализата, спроведена од експерти од Кингс колеџ во Лондон, опфати 509 лица во Велика Британија и 1.160 лица од студијата „Кора“ во Германија.

Научниците соопштија дека нашле „значајна врска“ помеѓу нивото на теобромин во крвта и побавно биолошко стареење.

Водечкиот научник на Кингс колеџ во Лондон, Рами Сад, кој е и доктор по клиничка генетика, изјави:

„Ова е многу возбудливо откритие, а следните важни прашања се што стои зад оваа поврзаност и како можеме понатаму да ги истражуваме интеракциите помеѓу хранливите метаболити и нашиот епигеном. Овој пристап би можел да нè доведе до важни откритија за стареењето, и пошироко, за вообичаените и ретките болести.“

Џордана Бел, професорка по епигеномика на Кингс колеџ во Лондон, изјави:

„Нашето истражување открива врски помеѓу клучна компонента на темното чоколадо и подолготрајното одржување на младоста. Иако не велиме дека луѓето треба да јадат повеќе темно чоколадо, ова истражување може да ни помогне да разбереме како секојдневната храна може да содржи индиции за поздрав и подолг живот.“

Научниците тестирале и други молекули пронајдени во какаото и кафето, но укажуваат дека ефектот е специфичен за теоброминот.

Тимот сега истражува дали ефектот врз биолошкото стареење е единствен за теоброминот или дали соединението реагира со други хемикалии во темното чоколадо, како што се полифенолите.

Полифенолите се моќни антиоксиданти кои се наоѓаат во овошјето, зеленчукот, чајот, кафето и виното.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ