Тие предупредија за опасностите од електронскиот отпад за морскиот свет и потенцијално за здравјето на луѓето.
Истражувањето покажало значително ниво на мономери на течни кристали (ЛЦМ), синтетички органски хемикалии кои се користат во производството на екрани, кај индо-пацифички грбави делфини и морски свињи.
Хемикалиите на ЛЦМ дозволуваат светлината да поминува низ екраните и јасно да прикажуваат слики, но поради нивната долгорочна стабилност, тие не се распаѓаат лесно во животната средина.
Истражувачи од Универзитетот во Хонг Конг, предводени од Јухе Хе, анализирале примероци од животинско ткиво собрани во текот на 14 години, вклучувајќи поткожни масти, мускули, црн дроб, бубрези и мозок, пренесе Гардијан.
“Gene-altering chemicals found in humpback dolphins and finless porpoises, raising alarm they may end up in human food chain” https://t.co/LmmSgd8FeH
— THE FOOD TIMES (@thefoodtimes) February 25, 2026
Највисоки концентрации се пронајдени во масното ткиво, но мали количини на ЛЦМ се откриени и во мозокот, што укажува дека овие хемикалии ја преминуваат крвно-мозочната бариера.
„Присуството на хемикалии на ЛЦМ во мозокот е сериозно предупредување. Ако тие преминуваат кај делфините, мора да бидеме загрижени и за потенцијалните ефекти врз луѓето од контаминирана храна или вода“, рече тој.
Анализата покажа дека четирите најчесто присутни ЛЦМ можат да влијаат на активноста на гените поврзани со поправка на ДНК и клеточна делба кај делфините.
Научниците предупредуваат дека електронскиот отпад, чие производство се проценува на 62 милиони тони годишно, е растечки глобален проблем, особено поради „брзата технологија“ – евтини и честопати лошо произведени уреди кои брзо се фрлаат.
Истражувачите ја нагласуваат потребата од продолжување на животниот век на електронските уреди преку поправки, користење на сертифицирано рециклирање и заострување на регулативите за употреба на постојани хемикалии во потрошувачката електроника пред тие да влезат на пазарот.
„Сè уште немаме директни докази за влијанието врз здравјето на луѓето, но лабораториските тестови врз клетките на делфините покажаа дека овие хемикалии можат да ја променат активноста на гените. Ова е аларм. Ако чекаме додека штетата врз здравјето на луѓето не биде целосно докажана, веројатно ќе биде предоцна. Со дејствување сега, можеме да спречиме идна криза во јавното здравје“, заклучи Хе.






