Статистички, шансите да се има син или ќерка се 50:50, слично како да се фрла паричка, но се чини дека некои жени имаат предиспозиција да имаат деца само од еден пол, пренесува РТС.
Сите сме виделе роднини или пријатели кои имаат само ќерки или само синови. Сивен Ванг од Универзитетот Харвард и нејзините колеги сакаа да истражат дали ова се случува сосема случајно или дали постојат основни физиолошки индикатори кои би можеле да го објаснат овој феномен.
На ниво на популацијата, односот на момчиња и девојчиња при раѓање е приближно 50:50. Но, Ванг и нејзините колеги се прашуваа дали жените имаат некаква улога во сето тоа.
За да дознаат повеќе, тие анализирале податоци собрани од повеќе од 58.000 мајки во Соединетите Американски Држави кои претходно учествувале во две одделни студии за контрацепција и здравје на жените. Од овие жени, 61 отсто имале две деца, 30 отсто имале три деца, 8 отсто имале четири деца, преостанатите жени имале пет или повеќе деца.
Истражувачите го споредиле полот на децата во однос на осум од следните карактеристики на мајките: висина, индекс на телесна маса, раса, боја на коса, крвна група, хронотип (време од денот кога се најбудни), возраст при првата менструација и возраст при раѓање (која се движела од 13 до 48 години).
Тимот откри дека жените кои биле постари од 28 години кога првпат се породиле имале 43 отсто шанси подоцна да имаат деца од само еден пол, во споредба со 34 отсто шанси за оние кои станале мајки на помлада возраст.
„Откривме дека колку што мајката била постара при првото раѓање, толку е поголем процентот на жени кои раѓаат само девојчиња или момчиња“, изјави Ванг. Во сите останати карактеристики кои беа земени предвид, не беше утврдена корелација со полот на децата.
Иако не е јасно зошто возраста на мајката може да го има овој ефект, се претпоставува дека тоа е последица на биолошки промени во телото, кои варираат од жена до жена, забележува Ванг.
На пример, претходните студии укажуваат дека менструалните циклуси се јавуваат на порана возраст кај жените, што може да биде во прилог на почесто раѓање момчиња, додека намалувањето на вагиналната pH вредност со возраста може да го поддржи преживувањето на сперматозоидите што содржат Икс (Х) хромозоми, што ги зголемува шансите за раѓање девојче.
Но, наодите би можеле да се објаснат и со социо-економски фактори, вели Џошуа Вајлд од Универзитетот во Оксфорд. Можно е жените кои раѓаат по 28 години да планираат повеќе за големината на своето семејство. На пример, ако сакаат две деца од различен пол и имаат две од ист пол, веројатно ќе се откажат од тоа да имаат повеќе деца, додека помлада жена која сака дете од спротивен пол можеби нема да се двоуми да има повеќе деца.
Во секој случај, потребни се понатамошни истражувања за да се земат предвид социекономските фактори, влијанијата од околината и физиолошките фактори кои потенцијално влијаат на полот на бебето.






