Музејот, кој се смета за најголем археолошки објект во светот посветен на една цивилизација, се простира на 470.000 квадратни метри и содржи повеќе од 50.000 предмети, вклучувајќи го и колосот на Рамзес Втори, кој тежи 83 тони, како и 4.500 години стар брод на фараонот Хуфу, пренесува Гардијан.
Музејот опфаќа 24.000 квадратни метри постојан изложбен простор, детски музеј, образовни и конференциски објекти, комерцијални простори и центар за конзервација.
Дванаесет главни галерии прикажуваат артефакти од праисториско до римско време, додека многу експонати се преместени од Египетскиот музеј на плоштадот Тахрир.
Извршниот директор на музејот, Ахмед Гонеим, рече дека просторот користи напредна технологија и мултимедијални прикази за да го доближи античкото наследство до генерацијата Зет.
Свеченото отворање беше одложувано неколку пати, неодамна поради конфликтите на Блискиот Исток, вклучително и војната во Газа.
На церемонијата ќе присуствуваат египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси и светски лидери, додека се очекуваат помеѓу 15.000 и 20.000 посетители дневно.
Музејот е дел од поширок инфраструктурен проект во Египет, вклучувајќи метро и нов аеродром, и претставува стратешка инвестиција во културниот туризам, кој по Арапската пролет и пандемијата со корона вирусот полека бележи закрепнување.
Рекордни 15,7 милиони туристи го посетиле Египет во 2024 година, владата има за цел да го удвои бројот на посетители до 2032 година.
Како што истакнуваат медиумите, прашањето за безбедноста на артефактите останува предизвик, по неодамнешните кражби, вклучувајќи ја златната нараквица на фараонот стара 3.000 години.
Египетскиот министер за туризам и антиквитети, Шериф Фати, го опиша отворањето на музејот како „подарок од Египет за светот“.






