Глечерите во италијанските Доломити ја достигнаа точката од која нема враќање, што значи дека ќе продолжат да се топат и да се намалуваат додека не исчезнат, дури и ако глобалното затоплување престане, покажа најновото истражување објавено во списанието Криосфера.
„Овие глечери повеќе не придонесуваат за рамнотежата на глобалната клима“, изјави Андреа Секуро, истражувач на Универзитетот Ка Фоскари во Венеција, пренесе Танјуг, повикувајќи се на италијанската агенција Анса.
Според Секуро, овие глечери повеќе не акумулираат маса, освен во години кога снежните врнежи се особено обилни, што станува сè поретко.
„Нема враќање назад, тие ќе исчезнат за неколку децении“, предупреди експертот.
Експертите истакнуваат дека најголемиот италијански глечер Мармолада, познат и како Кралица на Доломитите, би можел целосно да исчезне до 2040 година, како главна причина го наведуваат затоплувањето поради зголемената концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата. Овој глечер изгубил повеќе од 80 отсто од својата површина од 1988 година, објави Еуроњуз.
Во последните пет години глечерот изгуби 70 хектари, што е еднакво на површина од 98 фудбалски игралишта. Експертите ширум светот предупредуваат на повеќегодишниот тренд на топење на глечерите во сите делови на планетата, што влијае на подемот на морињата и океаните, а со тоа создава ризик од поплави во крајбрежните области на многу земји.
Според податоците објавени во една од неодамнешните студии, од 19-те проучувани региони на планетата, глечерите во Алјаска најбрзо губат маса, губејќи околу 67 милијарди тони мраз годишно. Во првите 24 години од векот во кој живееме, глечерите во централниот дел на Стариот континент изгубија најголем процент на мраз од почетокот на мерењата и сега се речиси 40 отсто помали отколку во 2000 година. Глечерите на Алпите исто така се погодени од високи температури и исчезнување.