Неш, кого неговите родители со љубов го нарекуваат „Неш компирчето“, ги поминал првите шест месеци од својот живот на одделот за интензивна нега за новороденчиња во детската болница Стед Фемили.
“Неш има силен карактер. Бидејќи толку долго беше на одделението за интензивна нега, би помислиле дека ќе биде кревок. Но, не е. Секогаш е насмеан и заинтересиран за сè”, изјави неговата мајка Моли за Асошиејтед прес.
Чудо на медицината
Сè започнало кога Моли за време на прегледот во 20-та недела од бременоста дознала дека грлото на матката и е проширено за два сантиметри. Само неколку дена подоцна, започнало породувањето, Неш се родил по 147 дена бременост, еден ден пред претходниот светски рекорд.
Родителите се сеќаваат колку била важна довербата во медицинскиот персонал.
„Целиот тим беше исклучително смирен. Не покажуваа знаци на вознемиреност, па затоа не паничевме ниту ние“, додаде Моли.
Докторката која го породила Неш, д-р Малинда Шефер, објасни дека однапред разговарала со родителите за сите можни ризици и компликации.
„За мене е важно родителите да ги имаат сите информации за да ја донесат најдобрата одлука за своето семејство“, изјави д-р Шефер.
Иако на Неш сè уште му се потребни кислород и исхрана преку цевка, тој напредува секој ден. Неговите родители велат дека тој веќе вежба стоење и има многу сила во нозете. Неговото доаѓање на свет е особено значајно за семејството бидејќи пред него доживеале спонтан абортус. Денес, тие со радост го слават секој негов напредок и се благодарни за чудото што го доживеале.






