Меѓународен тим истражувачи користел податоци од студии на близнаци за да ги разликува надворешните причини за смрт (несреќи, убиства, инфекции) од внатрешните, биолошки фактори (генетски мутации, болести поврзани со стареењето), наведува Ен-би-си њуз. Со раздвојувањето на овие категории добиле попрецизна проценка на влијанието на генетиката врз животниот век, што е значително повеќе од претходните проценки од 6 до 33 отсто.
„Ова не е резултат на случајност. Ако ги погледнете студиите за близнаци за речиси сè, околу 50 отсто од особините се наследни. Истото важи и за старосната граница на менопауза“, изјави главниот автор на студијата, Бен Сенхар од Институтот Вајцман во Израел.
Професорот Мортен Шајбје-Кнудсен од Универзитетот во Копенхаген истакна дека новиот пристап „го елиминирал надворешниот шум“ и ја открил основната биологија на стареењето. Тој потсети дека гените значително го одредуваат животниот век кај различни видови, од квасец кој живее 13 дена, до китови кои можат да живеат и повеќе од 200 години.
Сепак, експертите предупредуваат дека здравиот начин на живот и понатаму игра клучна улога.
„Ако генетиката одредува 55 отсто од животниот век, преостанатите 45 отсто сè уште зависат од исхраната, вежбањето и навиките“, рече Сенхар.
Студијата исто така укажува на важноста од понатамошни истражувања на заштитните гени кои „го продолжуваат животот“, особено кај луѓето кои носат заштитни гени против хронични болести, како што се гените Фоксо3, Апое и Сирт6. Заклучокот на истражувачите е дека долговечноста веројатно зависи од интеракцијата на повеќе гени, а не од еден клучен „ген за сè“.






