Експертите истакнуваат дека секојдневните ужини не се нужно лоши, па дури можат да помогнат во спречување на прејадување за време на главните оброци, со што се намалува оптоварувањето на дигестивниот систем.
Сепак, клучно е што јадеме помеѓу оброците. Гастроентерологот д-р Џејсон Коренблит тврди дека постои еден вид грицки што сите треба да престанат да ги јадат.
„Како гастроентеролог, грицките од кои би сакал луѓето да се држат настрана се високо преработените чипсови, особено пржените чипсови со долг список на состојки што вклучуваат рафиниран скроб, индустриски масла, вештачки ароми, прав од сирење и конзерванси“, изјави Коренблит.
Тој додава дека таквата храна е поврзана со полошо здравје на цревата и воспалителни процеси, особено ако се консумира секојдневно.
Триша Пасрича, лекар и гастроентеролог, исто така предупредува против пијалаците што често се консумираат со вакви закуски.
„Би сакала да можеме да ги елиминираме засладените пијалаци“, наведува таа и додава дека таквите пијалаци се препознаени како фактор на ризик за раниот развој на рак на дебелото црево. Според неа, комбинацијата на чипс и газирани, засладени пијалаци дополнително ги оптоварува цревата.
Кога станува збор за подобар избор, гастроентерологот д-р Пол Фојерстад препорачува непреработени грицки богати со влакна. Како пример наведува јаткасти плодови, бобинки и грицки на база на мешунки, како што се хумус или печена леблебија.
„Јогуртот со живи и активни култури обезбедува корисни бактерии кои можат да придонесат за здравјето на цревата и да го намалат воспалението“, истакнува докторот Коренблит.
„Јас чувам тегла бадеми во својата ординација. Јаткастите плодови се богати со протеини и влакна, па затоа даваат чувство на ситост и хранливи материи“, заклучи д-р Пасрича.






