петок, 9 јануари 2026

Француска студија: Конзервансите во храната се поврзани со рак и дијабетес

Вообичаените конзерванси што се користат за зачувување на храната и продолжување на рокот на траење можат да бидат поврзани со зголемен ризик од неколку видови рак и дијабетес тип 2, покажуваат две нови студии од Франција.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

„Ова се многу важни резултати за конзервансите кои широко се користат не само на францускиот и европскиот пазар, туку и во Соединетите Американски Држави“, изјави Матилд Тувје, главен истражувач на студијата НутриНет-Санте, која била користена во истражувањето, пренесува Си-ен-ен.

Студијата за рак следела 105.000 лица во период од 14 години и го испитувала влијанието на 58 конзерванси.

Анализата покажала дека шест конзерванси, меѓу кои натриум-нитрит, калиум-нитрат, сорбати, калиум-метабисулфит, ацетати и оцетна киселина, можат да бидат поврзани со зголемен ризик од рак.

Натриум-нитритот, кој се користи во преработеното месо, е поврзан со 32 проценти поголем ризик од рак на простата, додека калиум-нитратот е поврзан со 22 проценти поголем ризик од рак на дојка и 13 проценти зголемен ризик од сите видови рак.

Студијата за дијабетес тип 2 следела речиси 109.000 учесници кои на почетокот на истражувањето немале дијабетес.

Дванаесет од седумнаесет испитувани конзерванси биле поврзани со до 50 проценти поголем ризик од развој на дијабетес тип 2 кај лицата кои консумирале најголеми количини.

Меѓу нив биле калиум-сорбат, калиум-метабисулфит, натриум-нитрит, оцетна киселина и натриум-ацетат.

Авторите предупредуваат дека ова се првите студии кои ја испитуваат поврзаноста меѓу конзервансите во храната и ризикот од рак и дијабетес тип 2, и дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат резултатите.

„Овие податоци ја поддржуваат потребата од преиспитување на прописите што ја регулираат употребата на адитиви во храната, со цел да се подобри заштитата на потрошувачите“, наведе Анаис Хазенболер, главен автор на студијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ