Покрај бројните одложувања, филмот конечно пристигна во кината минатиот петок, публиката се насобра во кината, во толкав број што го собори рекордот за најголема премиера во 2025 година, како и најголема публика на Ворнер Брос од 2023 година.
Интересно, мислењата на критичарите се поделени, филмот во моментот на пишување имаше само 47 отсто оценка на Ротен томатос. Како што пренесува Би-би-си, британски Телеграф му доделил две ѕвезди, додека Гардијан бил уште поостар со една ѕвезда, наведувајќи дека филмот „изгледа како да е направен во последен момент“.
Но, тоа очигледно не ја спречи публиката, особено семејствата со деца, да побрзаат во кината. Според податоците на ЕнтТелиџенсија, дури четвртина од гледачите биле помлади од 13 години, а повеќе од половина биле мажи.
Во актерската екипа се познати имиња како Џејсон Момоа, Џек Блек и Џенифер Кулиџ. Филмот е снимен со буџет од околу 150 милиони долари, што значи дека веќе во првиот викенд успеал да ги поврати продукциските трошоци.
Заплетот следи четворица аутсајдери кои завршуваат во мистериозен портал и влегуваат во Оверворлд, познат свет од играта Мајнкрафт, полн со предизвици и креативност.
Судејќи според првиот викенд на прикажување, изгледа дека филмот за Мајнкрафт би можел да стане еден од најголемите хитови на годината, без оглед на бројот на ѕвезди во рецензиите.