Визионерскиот режисер Баз Лурман нуди уникатно искуство во кое Елвис пее и ја раскажува својата приказна, сето тоа засновано на неодамна откриени и целосно реставрирани снимки од неговите легендарни изведби, пренесува Индекс.
Додека работевме на филмот „Елвис“ од 2022 година, почнавме да истражуваме гласини за постоење досега невидени снимки од култните концертни филмови од седумдесеттите.
„Мојата прва мисла беше дека ако можеме да ги најдеме, можеме да го реставрираме овој неискористен материјал и да го искористиме во нашиот филм за Остин Батлер. Истражувачите отидоа во филмските трезори на Ворнер Брос, сместени длабоко во подземните рудници за сол во Канзас, и на изненадување на сите открија 69 кутии што содржат 59 часа досега невидени филмски негативи“, рече режисерот.
Како што наведе, Енџи Марчизи, потпретседателка на архивот и кураторка во Грејсленд, успеала да пронајде и некои досега невидени Супер 8 снимки од архивите на Грејсленд.
„Потребни беа повеќе од две години за да се врати материјалот до квалитет што никогаш порано не е прикажан. Иако некои од негативите веќе беа користени во претходните продукции, пронајдено е богатство од никогаш порано видени снимки, секвенци и изведби“, вели тој.
Како што објасни тој, делови од тие клипови биле јавно достапни, но тие биле претежно пиратски копии со лош квалитет.
„Нашиот тим, исто така, мораше прецизно да го обнови звукот користејќи голем број неконвенционални извори што беа откриени во процесот“, рече режисерот.






