Вегови е првата орална верзија на ГЛП-1, лек кој се продава за слабеење, пренесува Ен-би-си.
Слична таблета од Ели Лили се очекува во наредните месеци. Лековите ГЛП-1, првично одобрени за дијабетес, станаа популарни поради значителното губење на тежината што можат да го овозможат.
Досега се користеа во форма на инјекции – Оземпик, Вегови, Мунџаро, Зепбаунд, додека Вегови сега доаѓа како таблета, што го олеснува користењето и е психолошки поприфатливо за пациентите.
Таблетата се зема секојдневно, обично наутро на празен стомак, а дозите постепено се зголемуваат за да се намалат несаканите ефекти, најчесто гадење и повраќање.
Во клиничкото испитување, пациентите на највисоката доза изгубиле во просек 16,6 отсто од телесната тежина по 64 недели, во споредба со 2,2 отсто во групата која примала плацебо.
Се очекува таблетата да се појави на американскиот пазар веќе на почетокот на јануари 2026 година.
Ново Нордиск сè уште не ја објавил цената на таблетата, но се очекува да биде поевтина од неделните инјекции.






