четврток, 29 мај 2025

Езеро Сонце и Месечина: Магично место каде се слави Нова Година во август

Кога помислуваме на езеро, првата асоцијација е лето и пливање, но има едно каде што Нова Година се слави во август. Сместено во срцето на Тајван, езерото Сонце и Месечина неуморно ги инспирира љубопитните странци и домашните посетители.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Неговата мирна, тиркизна вода инспирирала многу антички поети и сликари, особено во раната пролет кога цветаат црешите во близина на езерото. Источната страна на езерото е тркалезна како сонце, додека западната страна е вдлабната како полумесечина, пренесува Сити магазин.

Покрај тоа, ова е и најголемата водна површина во Тајван. Жителите тврдат дека езерото е природно олицетворение на јин и јанг, таоистичкиот концепт на спротивставени сили кои се надополнуваат една со друга, а за многумина има и духовно значење.

Иако убавината на езерото е главната атракција, целата област е исклучително живописна и служи како почетна точка за истражување на минатото и културата на Тајван.

На брегот на езерото живее племето Тао, најмалата домородна етничка група во Тајван. Во средината на езерото се наоѓа островот Лалу, кој се смета за дом на духовите на нивните предци.

Племето морало да го напушти островот поради изградба на електрана за време на јапонската окупација, а потоа силен земјотрес во 1999 година го уништил нивниот храм. Како дел од реставрацијата, властите засадија дрвја кои имаат свето значење за племето Тао.

Годишниот фестивал на жетвата во август, најважниот фестивал во културата на народот Тао, го означува почетокот на нивната Нова Година. Таа вечер, локалното население изведува традиционална „музика со толчник“, создавајќи ритмички звуци користејќи дрвен толчник и камења со различни големини.

Пиењето, јадењето, пеењето и танцувањето се незаменливи делови од нивната прослава. Новата година се слави околу две недели.

Езерото Сонце и Месечина е дом на многу видови слатководни риби и школки, а околните полиња изобилуваат со црн чај, печурки, сливи и орхидеи. Риболовот и земјоделството, заедно со туризмот, се главните економски гранки на оваа област.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ